Тие повикаа полиција, но таа нема право да ме изнесе. Ниту сум го прекршил редот, ниту сум пцуел, ниту сум употребил сила. Јас само сакав да го искористам своето деловничко право. Ова не е Тунгузија, ова е Совет, вели советникот Темелков
На последната седница на Советот на општина Неготино одржана во петокот, поради непочитување на деловникот и три последователни опомени, по предлог на претседателката Лилјана Арсова Митрова со мнозинство гласови од советниците донесе одлука од натамошниот тек на расправата да биде отстранет нивниот колега Љубе Темелков. Независно од фактот дека претседателката констатираше дека одлуката е донесена со осум гласа „за“ и три „против“ а од снимката се гледа дека против се изјасниле петмина советници, Темелков одби да ја напушти салата иако во неа влезе и обезбедувањето ангажирано од општинската администрација.
Несогласувањата меѓу Арсова Митрова (ВМРО ДПМНЕ) и Темелков (МААК) траат подолг период и се неизбежни на речиси секоја седница на Советот на Неготино. Најчесто, како и овој пат кога ситуацијата ескалираше станува збор за деловнички забелешки на советникот Темелков за кои претседателката Арсова Митрова смета дека не се во согласност со процедурите.

Овој пат, како што може да се види од видео записот, Темелков инсистира на истиот начин како што на неговиот колега му било овозможено да предлага точки на дневен ред, истото да може да го стори и тој. Претседателката го одбива тоа и демонстративно, откако тој од место продолжува да коментира му изрекува три опомени, по што го повикува Советот да се изјасни за негово отстранување од седницата. Одлуката е донесена, но тој одбива да излезе и од говорницата укажува на забелешките кои што ги има за, како што смета, „шерифското“ однесувањето на Арсова Митрова. Во тој момент во салата влегува и претставник од приватна агенција за обезбедување ангажирана од општината. Темелков му се обраќа нему и на претседателката.

„Ѓоке, немој да идеш по мене, да не се расправаме. Значи, тргни се од кај мене, што бараш да одиш по мене. Што бараш ти тука, мене не ми јасно. Нема да излезам од тука во никој случај. Ти не можеш насилие да продаваш тука. Нема да излеза. Ти можеш да гласаш како сакаш, може да ги тераш овие како сакаш да ти гласаат. Значи, не е ова твое. Јас нема да излезам од тука, полиција нека дојде јас нема да излезам“, рече Темелков.
Претседателка на Советот по неколку минути со оправдување дека нема услови за продолжување, ја прекинува седницата.
Без Темелков во салата, по извесен период 11.седница на Советот на општина Неготино продолжува. Но, не завршува се тука, бидејќи по неколку часа од завршувањето и на продолжението на седницата, 15 минути пред полноќ, како што соопшти МВР, во неготинската полиција Л.А.М. пријавила дека за време на одржување на седница на Советот на Општина Неготино, Љ.Т., советник во Советот на Општина Неготино, го попречувал работењето на Советот.
Додека од МВР најавија дека се преземаат мерки за расчистување на настанот, советникот Темелков во видео обраќање обвини дека сето ова се прави во координација со градоначалничката која издава наредби како да се водат седниците и со сопругот на претседателката кој е сменоводител во полициската станица во Неготино.
„Тие повикаа полиција, но таа нема право да ме изнесе. Ниту сум го прекршил редот, ниту сум пцуел, ниту сум употребил сила. Јас само сакав да го искористам своето деловничко право. Ова не е Тунгузија, ова е Совет. Сакаат да ги поминуваат точките без никаква одлука, надвор од законот. Јас им ветив на гласачите дека ќе се борам против криминалот и ќе барам отчет за секој потрошен денар, и тоа го правам“, вели темелков во своето видео обраќање.
Политичката партија МААК чиј член е Темелков е коалиционен партнер на ВМРО ДПМНЕ, но не на локлано ниво. Сепак, тие најостро го осудија исфрлањето на нивниот советник оценувајќи дека ваквиот чин претставува грубо нарушување на демократските принципи и обид за замолчување на политички неистомисленик.
„Советничкиот мандат им припаѓа на граѓаните кои му ја дале својата доверба на изборите, а не на политички центри на моќ кои преку притисоци и злоупотреба на институциите сакаат да се пресметуваат со политичките противници. Секој обид за елиминирање на избран претставник без почитување на законските процедури и правото на фер постапка претставува опасен преседан. МААК останува на ставот дека политичките разлики се решаваат со аргументи и демократска дебата, а не со политички прогон, дискредитација и исклучување на избрани претставници на народот. Бараме надлежните институции целосно да ги разгледаат сите околности поврзани со овој случај и да обезбедат почитување на законите и демократските стандарди. Љубе Темелков ја има целосната поддршка од МААК. Ние нема да дозволиме политичкиот реваншизам да стане замена за демократијата“, пишува во писменото соопштение на МААк-Македонска акција Конзервативна партија.
