Кај Неготино еден налет имаше авион на ДЗР, а два хеликоптери на МВР и се очекува и трет налет. Кај Демир Капија, пак, вториот полициски хеликоптер имал три налети и пожарот е веќе локализиран
Силниот пожар во т.н. Гоцева шума кај Неготино во моментов е ставен под контрола од страна на неготинските и кавадаречките пожарникари, а и пожарот во месноста Мал Раковец во Демир Капија е локализиран.
Ова се последните информации од Центарот за управување со кризи (ЦУК) во врската со двата пожари кои беснееја попладнево. Од голема помош било гаснењето од воздух со хеликоптерите на МВР.
Кај Неготино, првично дејствуваше авион на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), но откако полицискиот хеликоптер прецизно ја испуштил водата, немало потреба од втор налет на авионот.
„Бидејќи немаше потреба од второ дејство на авионот на ДЗС, хеликоптер на МВР со ведро од еден тон во два наврати прецизно дејствуваше врз пожарот во боровата т.н. Гоцева шума во непосредна близина на Неготино каде во моментов силниот пожар од страна на територијалните противпожарни единици од Неготино и Кавадарци е ставен под контрола. Се очекува и третиот налет на хеликоптерот на МВР после што ќе се повлече во неговата база“,
велат од ЦУК.
Кај Демир Капија, пак, вториот полициски хеликоптер досега надлетувал три пати со ведро од три тона.
„Вториот хеликоптер на МВР со ведро од три тона дејствуваше во три наврати врз пожарот во месноста Мал Раковец во Демир Капија, со што пожарот благодарение на територијалната противпожарна единица и хеликоптерот е локализиран“,
велат од ЦУК.