Од попладнево во тек се низа спасувачки акции по копно, вода и од воздух, кои ги водат противпожарната и крајбрежната служба и припадници на армијата
Две постари жени се пронајдени мртви во селото Астрица во близина на грчкиот град Кардица, Тесалија, со што бројот на загинати во бурата Даниел се искачи на шест.
Жените, кои биле сестри на возраст од 75 и 85 години, биле пронајдени починати од спасувачкиот тим на Грчката противпожарна служба во нивниот дом во селото Астрица.
Телата, со помош со гумен чамец, се префрлени во возило на брза помош.
Според изјавите на роднина, двете жени го одбиле неговиот повик да ја евакуираат куќата. Загрижениот роднина повикал спасувачка екипа која ги нашла двете жени мртви во нивниот дом.
Неофицијално, во поплавите во Грција кои се предизвикани од бурата Даниел, исчезнати се најмалку шестмина, од кои четворица се странски државјани, од Австрија и Германија.
Од попладнево во тек се низа спасувачки акции по копно, вода и од воздух, кои ги водат противпожарната и крајбрежната служба и припадници на армијата.
На социјалните мрежи денеска се шират и видеа во кои се гледа како спасувачките екипи од хеликоптер користат јажиња за да се спуштат до покривите на поплавените куќи и да ги извлечат луѓето на безбедно.
Απεγκλωβισμός 12 ατόμων από τα Μεγάλα Καλύβια Τρικάλων με Ε/Π Super Puma της @HAFspokesperson #ΕΔ είμαστε παντού!!#ΓΕΕΘΑ #HNDGS #ΣΞ #ΠΝ #ΠΑ #ΔΕΠ@Hellenic_MOD @HAspokesman @NavyGR pic.twitter.com/8Tr4rzWdWY
— ΓΕΕΘΑ-HNDGS (@hndgspio) September 7, 2023
Спасувачки тимови од крајбрежната служба со гумени чамци „пловат“ по улиците кои се претворени во реки во селото Астрица и одат од куќа до куќа за да ги евакуираат жителите, заглавени во нивните домови.
Успешно е завршена евакуацијата на 200 лица, сите грчки и странски туристи, што од вторникот беа заробени во Платанијас, на јужниот брег на планината Пелион во областа Магнисиа. Нивната евакуација по копно беше невозможна откако поројниот дожд и поплавите го уништија единствениот патен пристап. Градоначалникот на Јужен Пелион, Михалис Мицикос, од Централното пристаниште на Волос побарал да бидат испратени чамци на крајбрежната служба за да ги земе туристите кои три дена беа без струја, вода и храна, откако бурата Даниел ги уништи хотелите.
Грчките власти соопштија дека повеќе од 800 луѓе се спасени во изминатите два дена од големите поплави, откако екстремните врнежи ги претворија улиците во смртоносни реки, урнаа згради и мостови и оставија цели села потопени.
Видеата објавени од грчките медиуми и на социјалните мрежи покажуваат дека жителите во селата во близина на градот Кардица се принудени да пливаат на безбедно откако нивните домови биле поплавени. Други селани беа видени како се качуваат на нивните покриви – единствениот дел од нивните домови што не е потопен од вода – за да повикаат помош.