Во моментов најтешка е состојбата во Кардица и Трикала, но и во населбата Кастро во Лариса, каде што властите од утрово работат на ослободување на 25 лица
Трет ден Грција е зафатена од невиденото невреме Даниел кое предизвика големи разурнувања, со фокус на подрачјето на Магнезија, но и на поширокото подрачје на Тесалија.
По минувањето на првото невреме денеска се очекува уште едно, па грчките власти потсетуваат дека во префектурата Магнезија сè уште е на сила забраната за движење на возила поради опасните временски појави.
Во областите Палама и Метаморфоси се веќе пријавени четири лица за исчезнати, а градоначалникот на Палама, Јоргос Сакелариу, во интервју за „Акција24“ изразува страв дека може да има човечки загуби.
Во моментов најтешка е состојбата во Кардица и Трикала, но и во населбата Кастро во Лариса, каде што властите од утрово работат на ослободување на 25 лица.
Од понеделникот бурата Даниел предизвика лизгање на земјиштето, уништи еден мост, урна далноводи, а десетици автомобили беа однесени со полавите.
Поплавени се и некои делови од Атина.
Ублажување на временските услови се очекува од понеделник, додека првите подобрувања ќе се видат веќе утре.
„Чувствуваме дека зградата се движи, чекаме помош“
Во прилог на телевизијата Алфа се наведува дека околината на Кардица е буквално претворена во море.
„Вода има насекаде. Сакаме помош, да дојдат да нè земат. Во месна заедница сме на покривот. Не знам што да правам, немаме вода, немаме храна. Многу луѓе беа во опасност, но благодарение на помошта на двајца локални жители кои имаа чамци, успеавме да ги спасиме. Цела ноќ повикувавме помош. Ништо! Имаме околу 60 луѓе, зградата не е стабилна и чувствуваме дека се тресе. Има и исчезнати лица“,
изјави за ТВ Алфа жител на Метаморфоси, село кај Кардица.
Драматични се и сведоштвата на спасувачите кои работат на ослободување на луѓето во селата во Мангезија. Двајца спасувачи за „Прото тема“ изјавиле дека „невиден временски феномен предизвикал катастрофа од библиски размери“, а конкретно се осврнале на градот Волос, за кој велат „изгледа како да е бомбардиран“.
„Да траеше лошото време, Волос немаше да постои денес. Сите мостови се срушија. Никогаш во животот не сум видел такво нешто. Ова е Волос што не го знам. Ги носевме старите баби низ прозорците бидејќи не можеа да излезат од вратата. Бевме сведоци на неверојатни слики“,
вели членот на Грчкиот спасувачки тим (Ε.Ο.Δ.), Сотирис Папамартакис.
Друг спасувач, Никос Зигурис, беше во тимот што ја пронајде првата жртва од поплавата, земјоделец врз кој падна ѕид.
„Човекот имаше поплава зад неговата куќа. Соседите ни рекоа дека е загрижен за животните, отиде да види како се и поплавата го сруши ѕидот што го здроби“,
вели Зигурис.
„Да спиевме, сите ќе бевме во море“
Поплавите на јужниот брег на Бугарија, предизвикани од истото невреме, однесоа четири животи, додека најмалку седум лица загинаа во поројните поплави во соседна Турција.
Луѓето го опишаа она што се случило како „ужас“.
„Имаше многу луѓе кои беа исплашени, имаше една жена во кампот со мали деца и рече дека водата е до половината во самиот караван и дека ги држи. Ги донесоа во нашиот хотел бидејќи немале каде“,
изјави Запрен Филчев за Еуроњуз Бугарија.
Повеќе од 1 000 луѓе биле блокирани, но сообраќајот сега е обновен.
„Да спиевме, сите ќе бевме во море. Седевме во костими за капење, во гаќи, голи. И сега се трудиме да спасиме сè, ништо не ни останува од работата. Господине, ништо не остана!“,
изјавила една неименувана жена.
За два месеци парична помош треба да добијат загрозените од поплавите на јужниот брег на Црното Море, најави бугарскиот премиер.
„До 1 512 лева се даваат за оштетени куќи и простории во кои живеат луѓе. Има уште една сума – до 2 500 лева за расипани апарати. Тоа се до 2 500 евра за оштетувања на згради каде што треба да се врати нормалниот живот“,
посочи Николај Денков, премиер на Бугарија.
Бугарскиот Црвен крст сега обезбедува пакети со конзервирана храна и вода за настраданите.
„Евакуираните беа сместени во приватни хотели, а во малите населби како Кости, градоначалниците успеаја да обезбедат логистика и поддршка на семејствата на кои им е потребна“,
вели Виолета Радева, раководител на бугарскиот Црвен крст.
Имаме психолози од цела држава, стручен тим од психолози кои се подготвени да излезат на терен, обучени да работат во таква ситуација, додава активист на Црвениот крст.
Штетата допрва треба да се процени по катастрофата, а најверојатно ќе изнесува десетици милиони лева, пишува Еуроњуз.