Во истиот временски период, Министерството за внатрешни работи исплатило околу 30 милиони евра кон фирмата што ги изработува обрасците, германски „Гисеке и Девриент“. Бројките ги обелодени невладината организација Центар за граѓански комуникации
Од МВР не ни одговорија за што точно е потрошена разликата од 43 милиони евра, пари кои остануваат доколку од уплатите на граѓаните се одбијат исплатите кон фирмата која ги прави обрасците. Изработката на лични документи, сепак, вклучува и администрација и материјално, технички и просторни капацитети
Поседување лична карта е законска обврска на секој полнолетен граѓанин. Возачка дозвола мора да има секој што сака да управува возило. Пасошот е неопходен ако сакате да патувате надвор од границите, во земји во кои не може да се патува само со лична карта.
Што мислат граѓаните за цената на овие документи? Граѓаните уште повеќе го чувствуваат ударот по личниот буџет од март 2023 година, кога поскапеа личните документи.

До тогаш пасош за граѓанин над 27 години, чинеше 1 500 денари во редовна и 4 500 денари во брза постапка. Поскапе на 2 000 денари во редовна и 6 100 денари во брза постапка. Личните карти поскапеа од 190 на 310 денари. Возачките дозволи, од 280 на 410 денари, во брза постапка – од 840 на 1 230 денари.
Двата главни елемента во цената на еден личен документ се трошоците за обработка од домашната администрација и цената што државата ја плаќа за обрасците. Обрасците, пак, се купуваат од германската фирма „Гисеке и Девриент“ согласно договор склучен пред 21 година, во 2005-та.
Од невладиниот Центар за граѓански комуникации се зафатиле со задачата да пресметаат – колку пари МВР собира од граѓаните за лични документи, а колку од тие пари одат кон добавувачот што ги изготвува.

Во 2021 година, граѓаните платиле 9,9 милиони евра за нови лични документи, додека расходот на МВР кон „Гисеке и Девриент“ е околу 5,1 милиони евра.
Следната, 2022 година, сумата прибрана од граѓаните расте на 13,3 милиони евра, а МВР платиле околу 6,6 милиони кон германската компанија.
Во 2023 година, даночните обврзници одвоиле речиси 15,8 милиони евра, наспроти трошокот на МВР за обрасци кој изнесувал околу 5 милиони евра.
Во 2024 година, кога беше последниот рок за замена на документите по промената на името на државата, граѓаните платиле рекордни 27,2 милиони евра, додека пак трошокот за обрасци бил 9,2 милиони евра.
Минатата година, за пасоши, лични карти и возачки дозволи граѓаните платиле 7,3 милиони евра, а МВР кон „Гисеке и Девриент“ исплатило 3,8 милиони евра.

„Она што Министерството за внатрешни работи ни го соопшти е за финансиските последици од целиот овој процес, а тоа е во смисла дека за период од пет години на германската фирма и на нејзината фирма ќерка во однос на техничкото одржување, вкупно ѝ се платени 29 милиони евра. Значи, зборуваме за период 2021-2025 година. А дека во истиот временски период од граѓаните се наплатени 73 милиони евра. Значи 44 милиони евра повеќе“,
изјави Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации.
Но, од невладината организација не можеле да одат подлабоко во раслојувањето на трошоците. Причината е што договорот потпишан со „Гисеке и Девриент“ во 2005 година, инаку првично на 11 години, МВР се уште го третира како тајна.
Па, тајна е и кога и под кои услови е продолжен првичниот договор. Тајна е и вкупниот број обрасци што се набавени.
„Министерството за внатрешни работи нè информираше дека сите три овие прашања се класифицирани со „доверливо“ од страна на Министерството за внатрешни работи и сметаат, и направиле велат тест на штетност, согласно кој сметаат дека ќе му се нанесе штета на работењето на Министерството за внатрешни работи ако се изнесат овие податоци. Така што остана и до денеска ние како граѓани да не знаеме врз основа на кој договор се врши оваа набавка, кој е законот што е применет. Ние имаме Закон за јавни набавки кој предвидува секоја набавка над 1 000 евра да се спроведува во транспарентна и отворена постапка. Понатаму имаме Закон за набавки од областа на одбраната и безбедноста. Значи можеби Министерството применило некои од тие одредби, но дури и да ги применело тие одредби, ќе имавме некакви информации кои ќе можевме да ги пронајдеме на електронскиот систем за јавни набавки“,
рече Факиќ.

За дилемите што ги отвора Центарот за граѓански комуникации прашавме во Министерството за внатрешни работи. На што точно се должи разликата помеѓу сумите кои се исплаќаат на германската фирма и сумата која се наплаќа од граѓаните? Зошто е таен договорот, имајќи предвид дека е склучен уште во 2005 година? Дали и кога е склучен анекс на договорот?
Од МВР ни стигна сумарен одговор. Еве го интегрално:
„Постапката за набавка на обрасци се спроведува согласно одредбите од Законот за јавни набавки, во која се утврдуваат цените за набавка на обрасци. Додека цените кои граѓаните ги плаќаат за обрасци се утврдени согласно решение и одлука на Влада. Воедно, ве известуваме дека не се работи за таен договор, туку за повеќе постапки кои содржат различни класифицирани сегменти“,
велат од МВР.

И додека останува нејасно до кога земјава има договор со „Гисеке и Девриент“, Министерството за внатрешни работи лани почна постапка за измена на начинот на издавање на лични документи.
Во тендерот за физибилити студија од април 2025 година, во Техничката спецификација, МВР заклучува дека:
„Кон крајот на 2023 и во 2024 година настана криза заради успорена испорака на обрасци за лични документи, поднесени голем број на барања од граѓани и неможност соодветно да се одговори на тие барања, како и лоша организациска поставеност во министерството. Исто така со промена на местото на изработка на обрасците беше приметлив значителен пад на квалитетот на доставените обрасци“,
стои во тендерската постапка.

Од тие причини, аргументираат службите на МВР во документот, се наметнала потреба од воспоставување целосно нов систем, што ќе вклучи и реорганизација на процесот на набавка и издавање на лични документи.
„За таа цел како почетна позиција се идентификува самиот производствен процес на лични документи, за кој сметаме дека треба да се врши на територијата на Република Северна Македонија. Што се однесува до останатите процеси на собирање на податоци, одобрување и персонализација, сметаме дека Министерството за внатрешни работи треба да има целосна сопственост на сите елементи вклучени во поддршката на споменатите процеси (софтверот -изворниот код, обележјата на личните документи – заштитни елементи и сл)“,
се наведува во тендерската постапка за физибилити студијата.

Тендерот за изработка на физибилити студијата го доби фирмата „Таргет комуникации“. Студијата е готова и предадена на МВР. Кога прашавме во ноември 2025 година, што точно покажала таа, како и дали документите ќе поскапат дополнително за граѓаните, од таму ни одговорија:
„Изготвена e физибилити студија, која ќе овозможи долгорочно и одржливо решение согласно националното законодавство, регулативите на ЕУ и ICAO стандардите. Ќе овозможи и целиот процес од производство до издавање на лични документи да се врши на територијата на Република Северна Македонија. Студијата содржи класифицирани информации, истата е означена со степен на класификација доверливо и согласно наведеното не можеме да Ви доставиме одговори на наведените прашања“,
одговорија од МВР.
Речиси истите прашања ги поставивме и сега. Ова е последниот одговор:
„Постапувањето по физибилити студијата е се уште во тек по што јавноста ќе биде соодветно известена“,
велат од МВР.
