Се надеваме дека немаме повредени луѓе, засега информациите кажуваат дека повредени нема, барем засега. Во името на Општината направивме неколку тимови, ги имаме критичните места, ќе дејствуваме секаде, вели градоначалникот на Карпош Сотир Лукровски
Силното невреме кое зафати поголем дел од територијата на Скопје, особено подрачјето на општина Карпош, предизвика огромни штети на објекти и возила, проблеми во сообраќајот и блокада на повеќе улици поради паднати дрва и бандери. Градоначалникот Сотир Лукровски извести дека штетите се сериозни а тимови од општината се веќе на терен и се обидуваат да се справат со последиците.
„Сите сме затегнати од невремето кое не снајде во попладневните часови. Добиваме нон-стоп дојави од вас граѓаните за паднати дрва, за жал и за кровови од одредени згради. Се надеваме дека немаме повредени луѓе, засега информациите кажуваат дека повредени нема, барем засега. Во името на Општината направивме неколку тимови, ги имаме критичните места, ќе дејствуваме секаде“, рече Лукровски.
Тој очекува и скопскиот градоначалник да се вклучи во координирање на сите колеги од општините во градот и да се направи заедничко тело со кое сите заедно ќе пробаат да делуваат на организиран начин. Лукровски упати апел и до жителите на Карпош со барање да се стават на располагање.
„Јас сум на терен, добивам доста пораки, јавувања од граѓани кои сакаат да помогнат. Засега би апелирал до сите граѓани да излезете на улиците во вашите места и да делувате локално. Значи, засега нема потреба на одредени пунктови од луѓе. Ве молам, излезете на своите улици, видете она што се гранки, што е полесно, што можете да го потргнете од улиците, а подоцна нашите служби ќе интервенираат“, рече градоначалникот на Карпош во своето видео обраќање.
