„Има голем пожар во близина на селото, којшто се заканува на селото. На лице место се тетовските пожарникари коишто се обидуваат да гасат внатре во шумата, но истото е високо ризично или невозможно поради што ги ангажиравме овие два ‘Ер трактори’ да помогнат“, изјави Ангелов

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов попладнево информираше дека голем пожар му се заканува на селото Милетино во Општина Брвеница.
Тој рече дека двата авиони за гаснење пожари на ДЗС полетале за да помогнат во гаснењето.
„Пред малку дадов наредба на ‘Ер тракторите’ да полетаат кон Милетино, Општина Брвеница, кадешто има голем пожар во близина на селото, којшто се заканува на селото. На лице место се тетовските пожарникари коишто се обидуваат да гасат внатре во шумата, но истото е високо ризично или невозможно поради што ги ангажиравме овие два ‘Ер трактори’ да помогнат да се направи простор за влегување внатре во самата шума. Во овој момент тоа исто така е комплексен, тежок за гаснење пожар. Важно е дека со сите сили ќе ги заштитиме населените места, истите нема да бидат загрозени“,
рече Ангелов.
Ангелов информираше и дека чадот што се чувствува речиси низ цело Скопје доаѓа од пожарот на Скопска Црна Гора.
„Ова што се гледа зад мене е големиот чад којшто доаѓа од големиот пожар во месноста Рамно на Скопска Црна Гора, територија на Општина Чучер Сандево. Два дена се обидуваме да го ставиме под контрола, но силниот ветер којшто дува во овој момент дополнително ја влоши состојбата. Ветерот дува во насока на Скопје, гледано од страната на пожарот и целиот чад оди во насока на Скопје. Дел од Скопје е прекриен со овој чад. Значи, мирисот на чад којшто може да го почувствуваат граѓаните од делови од Скопје доаѓа од големиот пожар којшто се одвива во месноста Рамно. Таму во текот на денот дејствувавме и сѐ уште дејствуваме со полицискиот хеликоптер. Воедно на лице место се скопските пожарникари со поддршка на неколку огнени тимови со ‘пинцгауери’ на Дирекцијата за заштита и спасување, но на лице место се и триесет припадници на македонската армија коишто помагаат пожарот да не се прошири и да не помине преку патот“,
вели тој.
Акцијата за гаснење на пожарот продолжува, а Ангелов очекува во текот на вечерните часови пожарот да биде намален во кракот што гори во насока кон Скопје.
„Бидејќи имаме услови на високите делови кај асфалтираниот пат и на неколку земјени патишта да го стопираме, барем оние краци. Додека краците коишто горат кон долот во насока на езерата, нема да успееме да ги сопреме оваа вечер, но ќе се работи внимателно во текот на ноќта. Едноставно нема услови, премногу е ризично. Во доловите има премногу чад којшто не дозволува луѓе да работат таму, може некој да се задуши, да настрада и моето основно начело е ‘safety first’, безбедноста на граѓаните, но и на пожарникарите секогаш на прво место. Пожарот ќе го гаснеме кога ќе се искачи во поголемите делови каде што може да се дише“,
вели тој.
Ангелов рече дека по негова проценка во текот на денот биле регистрирани околу 30 пожари на отворен простор и тоа, според него, е голема бројка за овој период од годината. Апелираше граѓаните да бидат исклучително внимателни бидејќи доволна е само една искра за вистинска катастрофа.
