Активен останува и пожарот над селата Грачани и Никиштане, кој се спушта кон Лепенец, но со намален интензитет и, како што рече, денеска се очекува да биде ставен под целосна контрола

Ниска вегетација, папрат, трева и грмушки, а на одредени места гори и шумска подлога има зафатено пожарот во реонот Рамно на територијата на Општина Чучер Сандево, а за кој директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, вели дека во моментов е најкомплексен за гаснење.
„Пожарот се движи по земјата и ја зафаќа лисната и тревната подлога, поради што се создаваат големи количини чад. Силниот ветер го насочува чадот кон Скопје и околните населени места на падините на Скопска Црна Гора“,
вели Ангелов во пладневната видеоизјава.
Во гаснењето на овој пожар интервенираат скопски пожарникари, неколку огнени тимови на ДЗС, припадници на Армијата, како и полициски хеликоптер кој дејствува на критичните точки со цел да се спречи ширењето на пожарот.
„Ова е комплексен пожар ќе биде тешко неговото гасење затоа што зафаќа поголема површина. Теренот е екстремно непристапен“,
додава Ангелов.
Овој пожар е еден од шестте што денеска се активни на отворен простор.
Активен останува и пожарот над селата Грачани и Никиштане, кој се спушта кон Лепенец, но со намален интензитет и, како што рече, денеска се очекува да биде ставен под целосна контрола.
Ангелов вели дека повторно се активирал и пожарот на подрачјето меѓу Струга и Дебар, во атарите на повеќе села, каде интервенираат струшките пожарникари.
„Верувам дека овој пожар не претставува никаква опасност за населените места. Истиот денес ќе биде ставен под контрола“,
додава тој.
Според директорот на ДЗС, активни пожари има и во атарот на селото Тајмиште во Општина Кичево и кај селото Белица во Општина Македонски Брод, каде теренот е исклучително тежок и непристапен.
