Во интервјуто за „360 степени“, прво јавно појавување по завршувањето на двојните претседателски и парламентарни избори, германската амбасадорка образложува какви се очекувањата на Берлин од новата претседателка и од идната влада која ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ
„Преспанскиот договор е обврзувачки според меѓународното право. Тој важи и Северна Македонија е обврзана на него. Мислам дека е многу важно за позиционирањето како доверлив партнер во меѓународната заедница да не се појави сомнеж дека обврзувачките договори според меѓународното право ќе бидат почитувани и од идната влада“, вели Петра Дрекслер
360°: Штотуку завршените избори донесоа тектонска промена на политичката сцена во Северна Македонија. Дали тоа нешто менува во односот на Германија кон земјата?
Петра Дрекслер: „Најпрвин, нашите две држави ги поврзува сигурно партнерство: како сојузници во НАТО сме тесно поврзани, потоа преку поврзаноста на нашите економии, преку тесна размена на сите нивоа во нашите општества, на пример, и преку нашите парламенти. И, секако, сакаме да имаме блиска соработка и со идната влада на Северна Македонија што допрва треба да се формира. Ќе биде важно дали идната влада ќе ја продолжи јасната стратегиска насока во надворешната политика на земјата и дека решително и доверливо ќе ги спроведе потребните чекори на патот кон ЕУ. Верувам дека може да се потпрете на тоа дека Германија и понатаму непосредно ќе ја поддржува вашата земја.“

360°: Првата пречка за продолжување на пристапните преговори се уставните измени. На изборите победи опцијата која порача дека нема уставни измени под овие услови. Што мислите, колку неуспехот на ЕУ да испорача и земјава да ги почне пристапните преговори по решавањето на прашањето за името придонесе за создавање ваква атмосфера во општеството?
Петра Дрекслер: „Мислам дека ние во Германија сме многу свесни за големите напори што Северна Македонија веќе ги презеде во пристапниот процес кон ЕУ. И да, можам да разберам дека искуствата од овој процес имаат последователен ефект во општеството. Сметам дека ќе стане проблем тогаш кога скепсата ќе премине во резигнација. Понекогаш имам впечаток дека довербата во ефикасноста на политичкото дејствување во земјата во целина е ниска. За да се поврати таа доверба, за оние што во иднина ќе ја понесат политичката одговорност за земјата, ќе треба најавените реформи и ветувања сега паметно и енергично да ги претворат и во дела.“

360°: ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе бара промена на условите и гаранции дека нема да има блокади за идентитетски прашања во текот на преговорите за членство за да поддржи уставни измени. Можно ли е да се добие такво нешто?
Петра Дрекслер: „Мислам дека од германска страна постојано предочувавме колку многу ги цениме македонскиот идентитет, македонската култура и македонскиот јазик. Тоа со резолуција го нагласи уште еднаш и Бундестагот минатата година. И мислам дека токму преку пристапниот процес со ЕУ, македонскиот јазик доби особено на значење и надвор од своите граници. Истовремено, исто така, е јасно – Северна Македонија со сите земји членки на ЕУ се спогоди за Преговарачката рамка за пристапните преговори со ЕУ. Оваа Преговарачка рамка е утврдена и тука спаѓа и спроведувањето на уставните промени.“
360°: Значи, мислите дека тоа тешко може да помине во ЕУ?
Петра Дрекслер: „Мислам дека постоечката Преговарачка рамка веќе ја нуди најдобрата гаранција.“
360°: Новата претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, а и во партијата што најверојатно ќе ја предводи идната влада, сметаат дека усно не мора да го користат уставното име на земјава. Во Грција не мислат така. Кој е Вашиот став?
Петра Дрекслер: „Фактичката состојба е сосема јасна. Преспанскиот договор е обврзувачки договор според меѓународното право. Тој важи и Северна Македонија е обврзана на него. Мислам дека е многу важно за позиционирањето како доверлив партнер во меѓународната заедница да не се појави сомнеж дека обврзувачките договори според меѓународното право ќе бидат почитувани и од идната влада.“
360°: Ако земјата биде блокирана на патот кон ЕУ, постои ли ризик за зголемено незападно влијание и кои би биле последиците од тоа?
Петра Дрекслер: „Од германска перспектива е сосема јасно. Северна Македонија, земјите од Западен Балкан припаѓаат во ЕУ. Ние не сакаме и не можеме да си дозволиме сиви зони во Европа. Сакаме заедно да работиме на тоа нашата Европска Унија да биде уште посилна. Сосема е јасно, за нас Северна Македонија припаѓа во ЕУ.“