„Северномакедонците се Европејци“, рече Габриел Ескобар, заменик-помошникот државен секретар на САД, на денешниот онлајн-брифинг со новинарите посветен на ситуацијата во Западен Балкан.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со пристапните преговори на Северна Маједонија со Европската Унија и релацијата со Бугарија, шефот за Западен Балкан во Стејт департментот го употреби терминот „северномакедонци“.
„Северномакедонците се Европејци. Тие историски и културолошки се Европејци. Економски, Северна Македонија е со Европа и ќе биде важен придонесувач – од транспортот, информатичката технологија до енергетиката“,
рече Ескобар.
Високиот американски дипломат укажа дека Северна Македонија е голем билатерален партнер и извонреден сојузник во НАТО. Тој потсети и на стратешкиот дијалог што САД го имаа со Северна Македонија во јуни во Вашингтон.
„Нашата позиција од искуството со Северна Македонија е дека таа е одличен партнер, лојален пријател и силен поддржувач на трансатлантската заедница. Северна Македонија заслужено го започна движењето во нивниот процес кон Европа. Тие направија тешки реформи и продолжуваат да прават тешки реформи“,
рече дипломатот на САД.
Тој укажа дека за САД прашањето за јазикот и културниот идентитет на Северна Македонија не е прашање и ја повика земјата да продолжи со конструктивен дијалог со соседите и да се движи што побргу во процесот на пристапување.
„САД остануваат силен партнер во охрабрување и поддршка на Северна Македонија во тој процес. И конечно, земјата сигурно ќе биде успешна во тој процес“,
рече Ескобар.