„Неприфатливо е бродовите да ги заобиколуваат меѓународните санкции, да го кршат поморското право и да ја финансираат војната што Русија ја води против Украина повеќе од четири години“, напиша францускиот претседател на Икс
Француската морнарица интервенирала на танкер за нафта во Атлантскиот Oкеан кој бил под меѓународни санкции и испловил од Русија, соопшти претседателот на земјата, Емануел Макрон.

Тој за случајот информира преку објава на социјалната платформа Икс, во која вели дека операцијата се случила во Атлантскиот Океан, на отворено море, со поддршка на неколку партнерски земји, меѓу кои и Велика Британија. Како што наведува францускиот претседател, акцијата била спроведена со строго почитување на начелата на меѓународното поморско право.
„Неприфатливо е бродовите да ги заобиколуваат меѓународните санкции, да го кршат поморското право и да ја финансираат војната што Русија ја води против Украина повеќе од четири години“,
напиша Макрон на Икс.
Тој во објавата наведе и дека името на бродот е „Тагор“. Покрај информациите, францускиот претседател сподели и видео од дел од операцијата, на кое се гледа како припадници на морнарицата на земјата се качуваат на танкерот.
La Marine nationale a arraisonné hier matin un nouveau pétrolier sous sanctions internationales en provenance de Russie : le Tagor. Notre détermination est constante et totale.
— Emmanuel Macron (@EmmanuelMacron) June 1, 2026
Cette intervention a été effectuée en Atlantique, en haute mer,… pic.twitter.com/zxEslYjbUE
Инаку, поморската префектура на Атлантико во посебна изјава утрово соопшти дека француската морнарица интервенирала на такнер за нафта на 400 наутички милји (740 километри) западно од брегот на Бретања. Танкерот, чие име не се наведува во соопштението, доаѓал од Мурманск, Русија.
„Оваа операција имаше за цел да ја провери националноста на брод поради сомневања дека плови под лажно знаме. Откако инспекцискиот тим се качи на бродот, прегледот на документите ги потврди сомневањата во врска со неправилноста на знаме истакнато на бродот. Во согласност со меѓународното право и на барање на јавниот обвинител, бродот беше пренасочен“,
се вели во соопштението.

Франција и Велика Британија се заложија да спроведат акции за попречување на санкционираните бродови од т.н. руска „флота во сенка“, што минуваат низ територијалните води на двете земји. Британскиот премиер Кир Стармер во март објави дека дал дозвола британската војска да се качува на бродови што припаѓаат на „флотата во сенка“.
Сепак, податоците за транзит покажуваат дека десетици бродови поврзани со Русија и кои се под санкции продолжуваат да ги преминуваат британските води, наведува „Гардијан“.
