Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција соопшти дека во текот на денот за коронавирус се тестираат уште граѓани.
„Станува збор за едно лице од Куманово, две од Скопје и 17 од Дебар и околината. По скринингот, односно проширувањето на индикацијата за тест. Тоа се лица коишто немаат симптоми, но е можно да биле во контакт со некои од заболените“,
рече Филипче.
Тој скрининг се спроведува добро, додаде министерот, а инфектолозите и епидемиолозите кои се во Дебар имаат разработено шема по која постапуваат.
Во однос на четирите нови случаи кои утринава ги потврдија, Филипче рече тоа се луѓе што биле во претходен контакт со заболените на кои тестот им беше потврден вчера.
„Се наоѓаат во добра здравствена состојба, со лесна клиничка слика, хоспитализирани се на Инфективната клиника во Скопје. Состојбата на сите пациенти е стабилна, а стабилна е и пацинетката која е приклучена на респираторна машина“,
додаде министерот.