И покрај напорите на медицинската екипа, младиот мотоциклист не ги преживеал повредите
Од Јавното обвинителство велат дека е извршен увид на самото место, се издаваат наредби и насоки за расчистување на настанот. Обезбедени се снимките од видеонадзорот, додека едно лице е задржано и се постапува
Деветнаесетгодишен мотоциклист синоќа го загуби животот по тешката сообраќајна несреќа што се случи на раскрсницата на булеварот „Никола Карев“ и улицата „Прохор Пчински“, кај Пластичарска во Скопје.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, несреќата е пријавена во 22:21 часот, а во неа учествувале возач на „ауди А4“, Н.Х. (31), од село Визбегово и двајца мотоциклисти Н.Б (21) и М.Ф.(19) од Скопје.
За деветнаесетгодишниот М.Ф. несреќата била фатална. Тој по здобиените тешки телесни повреди е пренесен во комплексот клиники „Мајка Тереза“ но, и покрај напорите на медицинската екипа, младиот мотоциклист починал во 23:11 часот.
По наредба на јавен обвинител, возачот на автомобилот е лишен од слобода, а увид на местото на несреќата извршиле јавен обвинител и увидна екипа од СВР Скопје.
Од Јавното обвинителство информираат дека се преземаат истражни дејствија за целосно расчистување на случајот, при што се обезбедени снимки од видеонадзор и се постапува по насоки на обвинителството.
