Станува збор за три циклуси на програми преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА) во изминатите 20 години. Стотици милиони евра се неповратно изгубени, но сè уште има стотици милиони кои можат да се потрошат. За да се искористат средствата, потребно е земјата да има подготвени проекти и администрација
„360 степени” провери кои се причините за губењето подарени пари. Една од нив е тоа што ИПА-структурите во земјава не се целосно пополнети согласно процените за оптималниот број вработени
„Рилиндја“ на албански, односно „Препород“ на македонски – ова е името на новата градинка во Тетово. Ги отвори вратите минатата година по неколкугодишна изградба. Објектот е клон на матичната општинска јавна установа „Младост“, односно „Ринија“ на албански.

360°: Колку деца имате во градинката, а колку ви е капацитетот?
Имаме запишано 226 деца, капацитетот ни е 155.
360°: Каде ќе беа овие деца денеска ако не се отвореше оваа градинка?
Можеби ќе се запишеа приватно или немаше да се запишат во ниту една градинка поради цените и условите за плаќање на градинка. Секое отворање нова градинка, нови простории е едно ново вработување бидејќи на родителите им се ослободуваат услови за да најдат приватна работа. Особено мајките.
ни одговори Фатлинда Јаја, директорка на ОЈУДГ „Младост“ од Тетово.
Успешни приказни
Причината што 226 деца имаат каде да одат во градинка се напорите од локалната и централната власт во последните неколку години, но пред сè – парите од претпристапната помош што ги одвојува Европската Унија за земјава. Скратено, од ИПА-програмата. Од околу 808 илјади евра, колку што беше кажано дека чини градинката при промоцијата, Брисел даде 708 илјади, а нашите власти 100 илјади евра како кофинансирање.
Директорката на општинската јавна установа „Младост“ вели дека имало предизвици за објектот да се догради и пушти во употреба. Но, не се двоуми дали пак би аплицирале.

Да, доколку има нови објавени огласи за аплицирање, како градинка ќе бараме од градоначалникот да аплицира
360°: ИПА-проектите обично подразбираат да има чиста парцела, да има проект. Дали сте подготвени во таа смисла?
Па, ние овие објекти што ги имаме како чиста парцела, со тие ќе аплицираме. Но, Општина Тетово има и одредени парцели каде што планира нови градинки.
вели директорката Јаја.
Градско – Дреново, е името на една од делниците на експресниот пат кон Прилеп и Битола. Станува збор за 15 километри, на Коридорот 10-Д.

Извесно е дека и денеска ќе се патуваше побавно од Скопје кон Пелагонија и обратно ако, како во случајот со градинката во Тетово, ги немаше европските пари. Според сумите соопштени при промоцијата, Брисел одвои околу 35 милиони евра од европските даночни обврзници за побрз и поудобен транспорт за македонските патници и производи.

Поекспресно, побрзо. Да речеме, и побезбедно е на некој начин сега со новиот пат,
ни одговори граѓанин што го сретнавме на Плетвар.
Па, побрзо се стасува до дестинациите и побезбедно. Мислам дека е побезбедно,
ни одговори друг грашанин на Плетвар.
Секако, мислам дека го унапредува, но не сум задоволен со сигнализацијата. Честопати три полни линии знаат да збунат. И, би апелирал до надлежните, ако може некако тоа да се коригира, но во секој случај позитивно е. Има добар проток на сообраќај и мислам дека возачите се многу побезбедни и уживаат во делот на патот,
ни одговори граѓанин во пензија кој е сообраќаен инженер.
Има многу проширувања, стеснувања, со кратки релации што значи дека е збунувачки… РЕЗ… Има подобрување, не дека нема, тоа е нормално дека има, убаво е, побрзо е, но недостатоците не знам како би се решиле во овој случај.
ни кажа професионален возач на камион кого го затекнавме на Плетвар.
И покрај забелешките, патот Дреново-Градско и градинката во Тетово се дел од успешните ЕУ-приказни во земјава.
Потенцираме успешни, бидејќи има и неуспешни.
ЕУ дава, ние (не) трошиме
Во последниве дваесет години ЕУ има одвоено околу две милијарди евра за проекти преку ИПА. Ама, тие пари не се делат туку така. Државата треба да има и спремни проекти и спремна администрација за да ги потроши достапните фондови.
Во моментов трае спроведувањето на ИПА 3 циклусот.

Според податоците што ги добивме од Министерството за европски прашања, ИПА-структурите во Министерството за финансии и Делегацијата на ЕУ во земјава, од вкупно 671 милион евра кои Брисел ги ставил на располагање во актуелната програма, ИПА 3, досега земјата успеала да потроши, што значи да се исплатат пари на крајниот корисник, околу 144 милиони евра. Тоа е само 21,46% од парите кои се буквално подарок – за изградба на патишта, градинки, водоводи, канализации.
Во ИПА 2, чиј рок за исплати истекува оваа година, земјава успеала да потроши околу 67% од расположливите средства. Или, околу 424 од 633 милиони евра.
Резултатот е речиси идентичен со ИПА 1. Според официјалните, но нецелосни податоци, Македонија успеала да повлече 68% од парите алоцирани за неа.
Или, вкупно, од 1,76 милијарди евра кои Брисел ги одвоил за Македонија преку ИПА-програмите во последниве две децении, а за кои добивме целосни податоци, земјава успеала да потроши 880 милиони. Точно, половина.
Тоа значи и дека точно половина, или 880 милиони евра, не се потрошиле. Само за илустрација – тоа се пари за околу 1 250 градинки како онаа во Тетово.
(Не)доверба
Дел од тие пари се неповратно изгубени, дел сè уште има време да се потрошат. Но, тоа не го менува главното прашање – зошто земјава не знае или не може подобро да ги троши парите што некој ѝ ги дава за нејзино и доброто на граѓаните?
Со средствата од ИПА-фондовите се управува на два начина. Едниот е преку Делегацијата на Европската Унија во земјава, кој најчесто се нарекува и директно управување. Другиот начин е управување од систем на домашни институции, кој се нарекува индиректен.
Под менаџирање, меѓу другото, се подразбира прием и обработка на проекти, подготовка и распишување тендери, склучување договори и изведба на проектите.

Кога е во прашање ИПА 2, според податоците од Министерството за европски прашања, кај Делегацијата на ЕУ се алоцирани 279,5 милиони евра. Мисијата успеала да потроши 90,6% од парите за проекти во земјава со кои управува. Кај македонските национални институции биле алоцирани 353,5 милиони евра. Досега не успеале да потрошат ниту половина – 48,2%.

Кај ИПА 3, чија имплементација тече во моментов, делот со кој управува Делегацијата на ЕУ се зголемил на 387,4 милиони евра. Досега успеале да потрошат околу 35% од парите со кои управуваат. На националните институции значително им се намалени парите што им се дадени на управување споредено со претходниот ИПА-циклус, на 283,5 милиони евра. Досега успеале да потрошат само околу 8 милиони евра. Тоа не се ниту 3% од парите што се оставени на располагање.
Нискиот процент на повлечени европски пари од домашните институции за ИПА 3 во најголема мера се оправдува со фактот дека до скоро и не можеа да трошат пари од програмата. Но, зошто Брисел во последната програма за помош одлучи поголем дел од парите да се трошат преку локалната Делегација на ЕУ, наместо преку македонските институции? Тоа беше првото прашање што го упативме до Штефан Худолин, шефот за соработка во Делегацијата на ЕУ во земјава.

Постојат неколку причини за ова. Едната е дека имавме помалку средства на располагање бидејќи на почетокот на овој ИПА циклус имавме различни програми за поддршка кои моравме да ги сервисираме од овој фонд. Тоа беше одговорот на ситуацијата со ковид, потоа беа пакетите за енергетска поддршка, па на крајот имавме помалку расположливи средства. Второ, сакавме да ги земеме предвид и научените лекции од претходниот ИПА циклус, во кој средствата не можеа да се искористат. Затоа сакавме, особено овде во земјава, во Северна Македонија, на надлежните да им овозможиме „да земат здив“ во првите неколку години, да немаат никакви средства, туку само да се грижат за распределбите од 2025 до 2727 година, на крајот од ИПА-периодот, а потоа да имаат намален и, се надеваме, износ податлив за менаџирање што потоа ќе може да се апсорбира.
изјави за „360 степени“ Штефан Худолин, шеф за соработка во Делегација на ЕУ во Скопје.
Најмногу непотрошени пари во Транспорт и Животна средина
Сепак, како што покажуваат податоците, не се сите области еднакво неефикасни. Според бројките што ги споделија од Делегацијата на ЕУ и од Министерството за европски прашања, најголемиот дел од непотрошените европски пари се во два сектори.

Во ИПА 2 програмата, од 114 957 592 евра одвоени за животна средина и климатска акција, земјава успеала да потроши 25 242 291 евра или 21,96%. За транспорт, пак, од расположливите 110 914 610 евра, потрошени се 36 096 177 евра или 32,5%. Тоа е далеку пониско од националниот просек.
Кој е виновен што не ги трошат европските пари, прашавме во двата владини ресори надлежни за овие прашања. Од Транспорт одговорија:

ИПА финансирањето се пролонгира со поништувањето на тендерот за железничкиот коридор од Крива Паланка до Бугарија. Како што информиравме тунелот мора да биде заеднички помеѓу двете држави, односно инженерски е невозможно да се направи тунел до половина од планината само од една страна. За таа цел се потпиша и договор помеѓу заменик-претседателот и министер за транспорт, Николоски, и тогашниот заменик-претседател и министер за транспорт на Бугарија, Караџов. Заеднички беше договорено овој тунел да биде заеднички проектиран и да биде целосно финансиран од Европската Унија со што ќе се добие сериозен грант и силна финансиска поддршка.
Од Министерството за животна средина, меѓу другото, одговорија:

Иако причините за евентуално губење средства се разликуваат од проект до проект, како најзначајни предизвици може да се издвојат:
- недоволно подготвена техничка и тендерска документација во претходниот програмски период (ИПА I),
- значителен раст на цените на глобално ниво… што доведе до значително зголемување на трошоците за реализација на инфраструктурните проекти;
- голем број неуспешни тендерски постапки, спроведувани од Министерството за финансии – Сектор за централно финансирање и склучување договори, поради понуди кои ја надминуваа проценетата вредност или не ги исполнуваа техничките критериуми;
- ограничени административни и технички капацитети кај институциите корисници на ИПА средствата;
- недоволна кадровска стабилност во ИПА структурите и континуиран одлив на обучен кадар.
Слабости
На темата потфрлање со инфраструктурни проекти, односно патишта, железници, пречистителни станици, системи за управување со отпад, разговаравме и со шефот за соработка во Делегацијата на ЕУ, Штефан Худолин.

Прво, генерално, големите инфраструктурни проекти никаде не се лесни за спроведување. Јас сум од Германија, нашиот аеродром во Берлин, од овој аспект, забележа значителни доцнења. Значи, ова е предизвик сам по себе, да кажеме така. Второ, тоа вклучува различни нивоа на администрацијата. Така што, документите имаат тенденција да доцнат, да застаруваат, работите поскапуваат, треба да се приспособи буџетот, треба да се направат нешта што се бараат, експропријации, преселувања. Ова само по себе е многу, многу макотрпен процес, но бара многу ефикасен и директен пристап. Видовме дека јавната администрација имаше тешкотии со апсорпцијата за да може да одговори на сите овие предизвици, да ја има потребната експертиза, да го има инженерството, вештините, кадарот распределен за тоа да може да го направи тоа на сите различни нивоа.
вели Штефан Худолин.
Индиректното управување со ИПА-фондовите е поделено кај повеќе институции, но сепак главна улога имаат Министерството за европски прашања, кое го координира процесот, и Министерството за финансии, во чиј состав работат клучните тела за контрола и за распишување тендери.

На темата клучни слабости во ИПА-структурата, од Финансии нè упатија во Министерството за европски прашања, како орган за координација. Од Европски прашања, пак, ги набројаа следните околности како најголеми слабости:
– Недостиг на чувство на сопственост за ЕУ програмите и ИПА-кадарот;
– Слаба подготвеност на зрели инфраструктурни проекти кои можат да апсорбираат ЕУ-фондови;
– Недостиг на оптимален број и квалификувани вработени во ИПА-структурата, согласно анализата на обем на работа.
Од наведените причини, јасни податоци можевме да обезбедиме само за бројноста на ИПА-кадарот.

На ниво на цела ИПА-структура, оптималниот број на вработени е 345, а на 31 декември 2025 година имало 284 ангажирани лица, односно пополнетоста со кадар е 82%, покажуваат податоците од МЕП.

Некои сектори се издвојуваат со значително пониска пополнетост.
– Министерството за транспорт – 56%
– Министерство за социјална политика, демографија и млади – 64%
– Министерството за животна средина – 67% и
– НИПАК-секретаријатот – 67%
На прашањето зошто ИПА-структурата не им е целосно кадровски екипирана, од Животна средина ни одговорија:

– недостиг на системска и долгорочна политика за задржување на обучениот кадар во ИПА-структурите, што резултира со континуиран одлив на искусни вработени,
– голем обем и комплексност на работните задачи;
– недоволно усогласување на годишните планови за вработување со реалните кадровски потреби утврдени во Анализата на обемот на работа.
Мерки за задржување
Овој став кој го добивме од Министерството за животна средина е особено интересен бидејќи актуелната влада неодамна воведе механизам за додатоци на плата од 15 до 30 отсто за дел од администрацијата, што ја вклучува и ИПА-структурата. За таа цел, беа донесени измени на Законот за административни службеници и посебна уредба. Претходно имаше привремен механизам за плус 15% на плата.

Па, прашавме во клучните ресори – дали додатоците се доволни за да се задржи кадарот? Еве ги одговорите.
Мерката за зголемување на платата од 15% којашто се спроведува од средината на 2021 година, а со заложба на сегашната влада истата доби карактер на долгорочна и стабилна мерка каде е обезбеден загарантиран додаток на плата од 15% за органите и структурите кои управуваат со ИПА.
ни одговорија од Министерството за транспорт.
Сметаме дека законското решение кое вклучува и подобрувања во делот на вработување, унапредување и оценување на ефектот од работата уредени со законот нудат солидна законска основа за обезбедување на задржување на кадарот во ИПА-структурата.
ни одговорија од Министерството за европски прашања.
Сепак, ни одговорија од МЕП, во моментов ниту еден службеник не зема додаток на плата повисок од 15%.

Одговорот зошто, се крие во условите што треба да се исполнат за такво нешто, а кои се речиси невозможни. На пример, за службеник да добие 30% додаток на плата, треба да работи во орган кој минатата година успеал да потроши 50 милиона евра од ИПА-програмата.
Шефот за соработка на ЕУ во земјава вели – прашањето за задржување на кадарот не треба да се разгледува изолирано.

„Мислам дека тоа не е специфично само за ИПА структурата, мислам дека тоа е многу валидно за целата јавна администрација во секоја земја. Треба да имате соодветно функционална јавна администрација. Пред два-три дена беше Меѓународниот ден на јавната администрација, разговаравме за овие предизвици и овде во земјава. Тоа бара професионална јавна служба, треба да постои соодветна политика на задржување на кадри, за да можете да привлечете луѓе да работат во јавната администрација. И ова важи за секоја земја. Многу е тешко јавната администрација да биде конкурентна со приватниот сектор во ИТ, во инженерството, во овие специфични барања што доаѓаат и од приватниот сектор. Но, можете да воспоставите политики за да ги натерате овие луѓе да работат на тие тешки предмети и потоа да можат да направат разлика. И ова го наведовме во нашите извештаи, го вклучивме и како чекори во Реформската агенда, во Планот за раст, дека владата треба да се грижи за подобрување на системот на јавната администрација, дека тој треба да биде повеќе заснован на заслуги, потранспарентен и со професионализирани процеси на регрутирање кои ќе служат на целта – да може да има соодветна испорака на услугите до граѓаните“,
изјави за „360 степени“ Штефан Худолин, шеф за соработка во Делегацијата на ЕУ во Скопје.
Научени лекции
Тие се предизвиците и слабостите. Но, сепак, има и светли точки.

На прашањето, во кои сектори земјава напредувала низ ИПА-програмите, од ИПА-структурите во Финансии ни ги набројаа: ИПАРД-програмите, програмите за труд односно вработување и социјала, образование и следење на одржливост на проектите. Од Министерството за европски прашања го делат мислењето на ИПАРД, за труд и социјална политика, а ги додадоа и областите Внатрешни работи, Демократија и владеење и Прекугранична соработка.

Министерството за социјална политика, демографија и млади е едно од најефикасните во трошењето на ИПА средствата. Меѓу другото им побаравме став – има ли простор да бидат уште подобри?
Задоволни сме од постигнатиот напредок, но остануваме фокусирани на понатамошно подобрување на ефикасноста во користењето на средствата… За нас најважен показател не е само колку средства се искористени, туку колкава вредност е создадена преку нив и колку тие придонесуваат за реформите и подобрувањето на квалитетот на живот на граѓаните.
одговорија од Министерството за социјална политика, демографија и млади.
За мислење за предностите и слабостите на ИПА структурата во земјава се обративме и до посебното Ревизорско тело. Нивните извештаи не се јавни, па главниот ревизор можеше да се задржи само на општи точки.

Највидлив е напредокот во секторот за рурален развој…. и реализација на проекти за набавка на опрема и јакнење на институционалните капацитети, се со цел да се подобрува управувањето со системот и зголемување на искористеноста на ЕУ фондовите.
изјави за „360 степени“ Милаим Абдураими, главен ревизор за ИПА.
Научени се лекции и на други полиња, кажа Милаим Абдураими. Не криеше дека има слабости, но и за нив говореше општо.

Во изминативе години, постигнат е значителен напредок, што се потврдува и со ревизорските мислења кои се во најголем дел неквалификувани, односно позитивни. Сепак, ревизијата редовно укажува за потреба од дополнителни унапредување на одредени процедури и институционални капацитети, земајќи ја во предвид сложеноста и обемноста на системот за управување со европските средства
изјави Абдураими.
Како што видовме во Тетово…. како што видовме на пат кон Прилеп и Битола,,, како што може да се види на стотици други проекти платени со европски пари, унапредувањето на ИПА-структурата во земјава е нешто што може и прави вистинска разлика во животот и во економијата.
Ако земјава не научи да ги троши подарените пари од ЕУ од претпристапните фондови, нема да знае како да ги троши и од структурните, ако некогаш стане членка на унијата. А целта на тие фондови е едноставна – да им се помогне на посиромашните земји да се приближат до побогатите членки на ЕУ во квалитетот на живот на граѓаните.
