Ковачевски на вечерашната прес-конференција ги повика Град Скопје, РКЕ и Комисијата за заштита на конкурентност во најбрзо време да дадат позитивно мислење за одлуката со што ќе се создадат услови за целосно функционирање на ЕСМ со топланите
Апелираше до сите пратеници, утре пред седницата за пратенички прашања, да ги изгласаат законот за финансиски средства од ЕБРД за справување со енергетската криза, да ги поддржат измените на Законот за енергетика и на Законот за нафта и нафтени деривати, како и да го усвојат Барањето за продолживање на кризната состојба
Економско-енергетскиот совет на Владата вечерва одлучи да почне постапката за издавање лиценца на ЕСМ за производство на топлинска енергија од регулиран пазар, согласно член 6 од Законот за енергетика , соопшти вечерва премиерот Димитар Ковачевски.
На вонредна прес-конференција во Владата, тој потенцира дека парно за скопјани ќе има и дека грејната сезона ќе почне на 15 октомври.
„Го повикувам Град Скопје, РКЕ и Комисијата за заштита на конкурентност во најбрзо време да дадат позитивно мислење за одлуката со што ќе се создадат услови за целосно функционирање на ЕСМ со топланите. Обезбедени се финансиски средства за потребните енергенси за топлинска енергија“,
истакна Ковачевски.
Тој објави и дека и малите потрошувачи ќе добијат сигурна, стабилна и континуирана испорака на електрична енергија.
„Осумдесет проценти ја субвенционираме сметката за електрична енергија за 650 илјади домаќинства, а над 70 илјади компании и други правни субјекти т.н. мали потрошувачи со промет годишен до два милиона евра ќе добијат субвенционирана електрична енергија која е трипати пониска од берзанската. Дополнително донесовме одлука на регулиран пазар да бидат и основните и средните училишта на територијата на цела држава без разлика што обврската за обезбедување на образовниот процес е на самите општини“,
нагласи премиерот.
Исто така, и сите јавни и здравствени установи ќе бидат обезбедени со електрична енергија преку ЕСМ, по поволна цена од берзанската.
Ковачевски вечерва апелираше до сите пратеници, утре пред седницата за пратенички прашања, да ги изгласаат законот за финансиски средства од ЕБРД за справување со енергетската криза, да ги поддржат измените на Законот за енергетика и на Законот за нафта и нафтени деривати, како и да го усвојат Барањето за продолживање на кризната состојба.
Ова не е време за политички поени, туку е време за разум, солидарност и социјална грижа, рече Ковачевски.
„Утре имаме седница за пратенички прашања во Собранието на државата. Сакам да им укажам на Собранието и на пратниците од сите политички партии да се одважиме заедно и конечно да се обединиме за интересот на граѓаните и пред започнувањето на седницата да се изгласаат законот со кој се обезбедуваат финансиски средства од ЕБРД, пари одобрени од ЕБРД за справување со енергетска криза на РСМ по исклучително поволна каматна стапка, измените во Законот за енергетика и Законот за нафта и нафтени деривати и усвојување на кризната состојба. Ова не е време за политички поени, туку е време за разум, солидарност и социјална грижа. Ова е само прв сет на одлуки на Економско-енергетскиот совет“,
истакна премиерот.
ЕСМ и „Адора“ преговараат за земање под закуп на топланите
Одговарајчи новинарско прашање, како ЕСМ ќе ја добие и третата лиценца која зависи од преговорите со „Адора“ за топланите, Ковачевски рече дека преговорите се во тек.
Државата ќе ги земе топланите согласно член 6 од Законот за енергетика и ќе го плаќа закупот кој следува со методологијата на Регулаторната комисија, објасни Ковачевски. Според законите за енергетика и за управување со кризи ќе се изврши преземање на топланите и затоплување на Скопје со плаќање на сите надоместоци на сопствениот кои следуваат во такви услови. Со оглед дека „Адора“ инсистира за продажба на топланите, премиерот посочи дека продажбата се прави врз основа на постапка и тој процес е подолг.
„ЕСМ е државна компанија односно акционерско друштво во државна сопственост и кога ќе бидат спроведени сите постапки за купување на одреден инвестициски објект, согласно со закон, тогаш ќе може да се влезе во финални преговори, потпишување договор и преземање на сопственоста и управувањето комплетно со топланите, зашто тие се дел од системот на затоплување на градот Скопје“,
објасни Ковачевски.
Во однос на денешната понуда од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за контакти за набавка на енергенси и производство на двојно поевтина струја за стопанството, Ковачевски одговори дека тој направил добар сублимат на она што досега е кажано.
„Владата донесе конкретни мерки и јас ги повикувам пратениците утре да ги изгласаат законите потребни за непречено снабдување со енергенси на граѓаните“,
додаде Ковачевски.
Откако во јуни годинава Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) донесе одлуки со кои престанаа да важат одлуките за издавање лиценца за вршење енергетска дејност снабдување, односно дистрибуција на топлинска енергија на компанијата БЕГ, Владата објави јавни повици за избор на вршители за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија
Јавното отворање на понудите на повиците за избор на компанија која ќе произведува, дистрибуира и ќе ги снабдува со топлинска енергија потрошувачите на дел од Градот Скопје се одржа на 13 септември. Беа доставени понуди од ЕСМ производство на топлина ДООЕЛ Скопје, ЕСМ дистрибуција на топлина ДООЕЛ Скопје и ЕСМ снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје, трите претпријатија што беа формирани по одземањето на лиценците на БЕГ.
Компанијата „Адора инженеринг“ во септември лани на јавна лицитација за 9,26 милиони евра ги купи топланите „Исток“ и „Запад“, кои претставуваат основни средства за регулираното производство на топлинска енергија во градот Скопје, а кои беа во стечајна постапка.
Компанијата тврди дека закуп топланите без јасна интенција за купопродажба ќе им претставува дополнителни 550 илјади евра загуби на годишно ниво.