ОЈО Скопје бара притвор за 39-годишниот скопјанец со иницијали Е.К кој е осомничен за убиство (на Васил Е.), обид за убиство (на полицајци) и незаконско поседување оружје. Вториот уапсен при вчерашните активности на полицијата е пуштен на слобода бидејќи за него досега не е утврдена поврзаност во настанот. По избеганиот, сè уште се трага
СВР Скопје целосно ги расчисти кривичните дела убиство и убиство во обид кои беа извршени на паркинг-просторот зад трговскиот центар „Мавровка“, напиша на Фејсбук министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Тој вели дека првото кривично дело е убиството на Васил Е., а второто е сторено при престрелката со полицијата во скопската населба Чаир. Осомничениот е со иницијали Е.К. (39) од Скопје.
„Веднаш потоа, од Единицата за насилен криминал – Одделение за крвни и сексуални деликти при СВР Скопје беа извршени увиди на местата, беа извршени разговори со сведоци, како и претреси во домови на неколку локации, беа прегледани видеозаписи и беше извршена пребарување на терен за обезбедување материјални докази како што се возила, пиштол, чаури и други одземени предмети. Од страна на Одделот за форензички испитувања при МВР извршено е вештачење на чаури и пиштол со кое вештачење се поврзуваат двете кривични дела со сторителот Е.К.“,
напиша Тошковски.
По обезбедување на целокупниот доказен материјал, полицијата против осомничениот поднела кривична пријава по брза постапка.
Но, министерот информира и дека за второто лице, кое беше приведено вчера, досега не е утврдена поврзаност со настанот и е пуштено на слобода. Тој вели дека се трага по уште едно лице за кое постои сомневање дека помагало во извршувањето на кривичното дело убиство.
ОЈО Скопје: Убиството е извршено со умисла и од користољубие
Паралелно, Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека е отворена истражна постапка против едно лице за вчерашното убиство кај трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје.
„По поднесена кривична пријава од Министерството за внатрешни работи против едно лице, Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против осомничениот за кривично дело – убиство по член 123 став 2 во врска со став 1 точка 4, кривично дело – убиство по член 123 во врска со член 19 (во обид) и кривично дело – неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи од член 396 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик“,
соопшти ОЈО Скопје.
Според Обвинителството, убиството е извршено со умисла и од користољубие со пиштол марка „глок“, калибар 9 милиметри, што осомничениот го поседувал без дозвола.
„Осомничениот, на паркинг-просторот на улицата ‘Филип Втори Македонски’ во Скопје, зад ТЦ ‘Мавровка’, со умисла и од користољубие, лишил од живот едно лице, по што од сопругата на жртвата одзел торба со лаптоп и избегал со автомобил ‘ауди’ без регистарски ознаки. На местото пристигнало и второ возило ‘ситроен’ со белгиски регистарски ознаки, од кое излегло засега непознато лице и од багажникот на автомобилот на жртвата одзело гајба со рачен алат и исто така се оддалечило“,
велат од Обвинителството.
Автомобилот „ситроен“ вториот осомничен го оставил во населбата Гази Баба и се качил во автомобилот „ауди“ по што продолжиле да се движат. На улицата „Стојна Стефкова“ во населбата Чаир биле пресретнати од полицијата по што следувала престрелка.
„Додека другото лице управувало, сега осомничениот излегол од совозачката врата и пукал обидувајќи се да ги лиши од живот полицајците кои сакале да го запрат. Четворицата полициски службеници во самоодбрана испукале неколку предупредувачки проектили во воздух со службеното оружје, па го совладале и привеле осомничениот. Другото лице се дало во бегство и по него се трага“,
вели Обвинителството.
Обвинителството од судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје бара на осомничениот да му се определи мерка притвор.
Убиството се случи вчера (20 август) на паркингот меѓу станбените згради и трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје. „360 степени“ објави дека жртвата е лицето Васил Е. и дека тој не е адвокат, како што се известуваше од повеќе медиуми во текот на денот. Васил Е. е роден 1965 година, живеел и работел во Скопје, а по потекло е од Струмица.