На еден час пред затворањето на гласачките места, до 18 часот, на вонредните избори за претседател на СДСМ гласале 40.220 членови, односно 78,5 отсто од активно регистрираните гласачи, соопштија од партијата.
Оттаму велат дека гласањето тече мирно и демократски, на сите 194 гласачки места, во сите 80 општини.
„СДСМ избира претседател на очиглед на целата македонска јавност. По затворањето на гласачките места и по обработка на податоците, Централната изборна комисија ќе ги соопшти резултатите од вонредните внатрепартиски избори за претседател на СДСМ. Со спроведување на внатрепартиски, непосредни избори за претседател, СДСМ поставува највисоки стандарди во македонската демократија“,
велат од партијата.
Во СДСМ денеска се одржуваат втори директни избори за лидер на партијата, но први вонредни, поради оставката што Заев ја најави на 31 октомври, по вториот круг од локалните избори. Претходно, лидерот на партијата се избираше на конгрес.
Социјалдемократките избираат меѓу тројцата кандидати: Димитар Ковачевски, актуелен заменик-министер за финансии, Фросина Ременски, поранешна потпретседателка на партијата, и Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ.
Гласачките места низ општинските организации на партијата се затвораат во 19 часот.