Министерката од Лондон испрати порака дека сојузниците во НАТО се обединети и подготвени да ја гарантираат безбедноста на државите членки
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска и делегација од ресорното министерството ја започнаа официјалната посета на Обединетото кралство, а на церемонијата за пречек британскиот воен оркестар ја свиреше македонската песна „Јовано, Јованке“.
Петровска во Лондон се сретна со британскиот министер за одбрана, Бен Валас, каде, како што соопштија од нејзиниот кабинет, ја осудила руската инвазија на Украина.

„Од Лондон ја испраќаме пораката дека ја осудуваме инвазијата врз Украина. Но, истовремено испраќаме и порака на обединетост на сојузниците и подготвеност да ја гарантираме безбедноста на државите – членки на НАТО Алијансата“,
рече министерката по средбата со британскиот колега.
Оттаму додаваат дека Петровска посочила и дека заедно со Обединетото кралство ќе се продолжи во развивање на капацитетите и способностите на македонското Министерство за одбра и на Армијата.
За НАТО сојузништвото зборувал и Валас, кој посочил дека Алијансата е единствена во цврстата заложба кон колективната безбедност.

„Валас порача дека членството на Северна Македонија во НАТО е особено важно за зачувување на безбедноста во регионот и се заложи за зајакнување и продлабочување на билатералната соработка помеѓу двете земји“,
соопштија од Министерството за одбрана (МО).
Северна Македонија и Обединетото Кралство веќе имаат воспоставено соработка, земјава добива британска поддршка во развојот на армиските капацитети на повеќе полиња: во МО работи британски советник за трансформација на армијата; тим од Обединетото Кралство дава поддршка на армискиот полигон Криволак; а македонските офицери може да се школуваат на највисоките воени школи во Велика Британија.
Напролет се очекува британски војници да бидат дел и од досега најголемата воена вежба на Криволак – „Брз одговор 22“.