Тендерот за изградба на базени во Битола, Кичево, Кисела Вода, Ѓорче Петров и Штип беше потпишан во 2020 година, а тежеше повеќе од 3 милиони евра. Иако во јавно достапните договори пишува дека изведувач на базените чија изградба доцни е фирмата „Енергоинвест трејд“, министерот за спорт тврди дека добитникот на тендерот ги препуштил работите на компанијата „Еуровиа“ од Желино, а тие, пак, ги препуштиле работите на релативно непознатата „Вивинт“ од Тетово
Во интервју за „360 степени“, првиот човек на Министерството за спорт тврди дека му е приоритет да ги заврши базените кои ги почна Агенцијата за млади и спорт во 2020 г., а требаше да бидат готови за 18 месеци, со што помала штета на Буџетот. Резервиран е во оценката за законитоста на постапките кои довеле до актуелната состојба
360°: Министрe Борко Ристовски , на почетокот на 2020-тата година, тогашното раководство на Агенцијата за млади спорт потпиша договор за изградба на шест базени низ територијата на земјата, односно во неколку општини. Не станува збор за малку пари, тогашната процената вредност, потпишана вредност беше околу четири милиони евра. Еве, пет години подоцна изграден е само базенот во Тетово. Кој е виновен што не се изградени останатите пет?
Па, видете, не може никој друг да е виновен освен луѓето коишто биде на раководната позиција во Агенцијата за млади и спорт. Не навлагам кој бил, дали претходниот или пред неговиот претходник, така да, вината секогаш мора да ја барате најпрво во самите себе затоа што, барем јас така размислувам и така, така мислам дека треба да функционира една институција одговорна, така да вината мора да се бара исклучиво и само кај институциите коишто, или кај претходната влада којашто раководела со тие институции.
360°: Вие веќе најавивте ревизија на овој проект, заедно со, претпоставувам, и други проекти коишто претходно ги спроведувала Агенцијата, а сега ги презема Министерството за спорт. Сакав да ве прашам, кога станува збор за базените, до каде е ревизијата и дали веќе имате одредени заклучоци?
Веројатно сте информирани, за да влезете во планот на ревизија на Државната ревизија, потребно е најпрво да има обезбедено план и да влезете во тој план, што е многу тешко. Меѓутоа ние, познавајќи ја целата проблематика, историјат на Агенцијата за млади и спорт и тоа што беа највисоки лица вклучени во истрага, има обвинение за корупција, ние одлучивме најпрво да направиме внатрешна ревизија, најмиме внатрешен ревизор, којшто ќе ги чешла сите оние постапки коишто се направени. Да ги проверува сите оние капитални инвестиции коишто се правени во времето на поранешната власт. Она што можам да го кажам е дека паралелно со ревизијата работиме и на вештачење на дел од базените, затоа што вештачењето ќе даде еден дел финансиски, меѓутоа мора да направите и градежна ревизија или градежно вештачење за да ги споредите тие два податоци и да видиме, не се работи само тоа што е платено, меѓутоа треба да направиме паралелна споредба. Да видиме дали тоа што е платено соодветствува со тоа што е направено. Ние, во овој момент вештачењето е при крај, за едниот базен во Охрид, без разлика што вие не го спомнавте затоа што не е во оваа група на базени, меѓутоа најбрзо ќе оди за вештачењето за базенот во Охрид, затоа што е најкрупен и работите се при крај таму. Внатрешната ревизија ќе си ја работи работата, зашто верувајте дека е обемна документацијата, сите овие базени се, кога ќе ги ставите во една папка, се обемен случај и верувам дека ќе потрае малку. Меѓутоа најважно сега е дека ние влеговме со една единствена цел. Тоа е да ги завршиме сите овие базени, а паралелно со завршувањето на базените да си течат и ревизиите и вештачењата.
360°: Се согласувам дека е важно да се заврши нешто што е почнато. Но важно е до крај да се доведат и постапките доколку е оштетен Буџетот. Така што, пак би ве прашал – кои се досегашните заклучоци од ревизијата и од вештачењата коишто ги спомнавте? Дали веќе имате индиции за потенцијални кривични дела или, пак, станува збор за небрежност?
Апсолутно сте во право и се согласувам дека секој еден којшто се огрешил и направил штета на буџетот на Република Македонија треба да одговара и мора да одговара и треба да се научиме да еднаш засекогаш оваа позиција којашто има одредена личност во одредено време не ја сфаќаме како како привилегија. Можеби е привилегија по вокација, меѓутоа по суштината на работата мислам дека, за себе можам да зборувам, министерувањето или Министерството за спорт за мене претставува една огромна обврска, чест, привилегија и обврска затоа што имате шанса и можност да вратите нешто на општеството, да направите нешто за својот народ и своето општество и оттаму оценувам дека мора да има одговорност. Како што кажав, постапките се во тек, ревизијата е во тек, вештачењето е во тек. Од она што е досега неофицијално од вештачењето што го имам добиено во разговор, а тоа е дека има отстапки во делот на базенот во Охрид. За другите немам конкретно информации, меѓутоа можам да зборувам за базенот во Охрид. Има мали отстапки во проектот, коишто се незначителни и во овој момент не може да значат никаков криминал, барем досега додека официјално не заврши и вештачењето и ревизијата. Не можам да имам поконкретен одговор затоа што едноставно не е во моето делување. Кога ќе го имаме завршниот извештај и од ревизијата и од вештачењата, ќе излеземе и бидете сигурни дека доколку има простор за поднесување на соодветни кривични пријави…
360°: Сите овие базени се почнати да се градат со договор склучен во две илјади дваесеттата година, а еден од членовите во договорот вели дека рокот на важност на овој договор е најмногу четири години. Тие четири години се истечени. Кој гради сега таму и врз која основа.
Не, не се истечени. Затоа што сите договори се потпишани во 2020 година…
360°: Точно, и рокот на важност им е четири години.
Четири години. Ние пред да… веројатно за дел од базените претходно има потпишувано и анекси за продолжување на договорот. Меѓутоа, не знам од која причина, да знаете рокот на изведба на секој од базените е осумнаесет месеци…
360°: Точно е.
Мене не ми е јасно како кога потпишувате договор за изведба од осумнаесет месеци не може да го завршите за осумнаесет месеци. Нека се пролонгира два, три, пет месеци. А договорите се потпишувани на четири години, што значи од осумнаесет, рок на изведба осумнаесет месеци, а рок на договор е четири години, што малце има нелогичност. И мене не ми се јасни тие работи, меѓутоа како и да е, фактичка ситуација е таа. За сите има анекси за продолжување на договорите. Она што јас го затекнав како ситуација фактичка кога дојдов, имавме два начина како тоа да го решиме. Најпрво бев на размислување тие договори да ги раскинеме и да почнеме со нова постапка, повторно објавување на нови тендери, репрогамирање на старите, меѓутоа по консултација со колегите, по едно мое размислување, одлучив да седнеме и да ги продолжиме. Да ја продолжиме изградбата на нови базени затоа што верувајте, ќе направевме, ај да кажам спортски, фаул, со самото тоа што знаете дека цените на изведба на базен во 2020 година кога се потпишани договорите се едни, а сега доколку би направиле комплетно нов проект, со комплетни нови тендери, би нè чинело барем за 30% до 40% поскапо да ги завршиме. Иако поголемиот дел од базените се во некојаси фаза на 20%, 30%, 40% и се останати така, меѓутоа доградбата на тие базени ќе нè чинеше дупло повеќе од завршувањете на базените затоа што цените по тој договор од 2020 се многу пониски од сегашните. Знаете дека во државата има инфлација и сè е поскапено. Одлучивме да одиме по патот по којшто ќе биде во интерес на општеството, на спортот, и да ги правиме овие ревизии и вештачења и да ги викаме изведувачите, економските оператори и нивните подизведувачи, и со еден разговор да го решиме тој проблем, сите оние недостатоци, затоа што имаше и некои побарувања коишто се нелогични. Да ги тргнеме настрана, да ги испегламе недоразбирањата или обидите коишто можеби во минатото ги имало за…
360°: На пример, какви недоразбирања?
Па еве, на пример, мене не ми е логично, пак ќе повторам затоа што е најблиску вештачењето во Охрид, мене не ми е логично кога проектирате вие базени да проектантот откога ќе го направите базинот тој базени да има корито. Една, на пример, од работите што мене не ми држи логика. Затоа што кога веќе ќе ја направите најголемата инвестиција, а тоа е ископот за базенот и наместо вие сега тоа да го изнивелирате, да направите по сите светски стандарди, да го направите дали ќе биде со плочки дали ќе биде не знам со било која друга подлога, проектантот одлучил во тоа време да се стават и дополнители монтажни корита. Значи уште еден дополнителен трошок. Ќе правиме измена на проектот во базенот во Охрид и наместо монтажно корито ќе има нормално, плочки, коишто ќе заштедиме ако не се лажам околу двесте или триста илјади евра што се пари сепак на граѓаните. А тие пари ќе ги пренамениме во поквалитетно машинство, затоа што и самиот проект на машинството беше, за во Охрид зборувам, беше невозможно да се направи. Една од причините за неговиот застој е токму тоа. Така да , тоа се дел од работите коишто се за мене нелогични. Зашто се правени не можам да ви одговорим. Можеби може проектантот , можеби некој друг, не знам. Јас не го знам одговорот, меѓутоа апсолутно е нелогично. И токму затоа од практични причини, од финансиски аспект гледано, од логичен аспект гледано, мислам дека такви работи треба да ги отстрануваме, па ќе повторам се е во интерес на спортот побрзо завршување и во интерес на ставање во функција на тие позиции.
360°: На терен, барем во Кисела Вода, на пример, затекнавме дека на таблата е воведен изведувач на работите. Компанијата се вика „Вивинт“ од Тетово, но името на таа компанија не може да се најде во оригиналниот договор, барем она што нам ни е достапно на Бирото за јавни набавки. Дали таа фирма е воведена подоцна, дали е воведена со анекс договори во ваше време или претходно?
Не, таа фирма е воведена претходно. Таа фирма мислам дека е трет подизведувач .
360°: Бидејќи во оригиналните договори воопшто не се споменуваат.
Економскиот оператор, да, ете, тоа е практика на компаниите да добијат тендер за изработка на базени и да го дадат на подизведувач. Мислам дека првиот изведувач е „Енергоинвест„.
360°: Така е, точно .
Вториот подизведувач е „Еуровиа“, а „Еуровиа“ го има дадено на „Вивиент“ или „Вивекс“, не знам точно како се вика компанијата. И ние ја затекнавме таа ситуација, како што ви кажав , после завршувањето на, ајде да кажам, тој брејнсторминг во министерството, одлучивме да ги повикаме и да одиме по патот, како што ви кажав, паралелно на сите четири, ревизијата, вештачењата, а ние да имаме разговор со компанијата „Вивиент“ и да ги продолжиме разговорите.
360°: Значи на терен практично гради подизведувачот, а не оригиналната…
Изведувач на подизведувачот гради на терен. Малце е чудно, меѓутоа ситуацијата е таква каква што е. Па ќе повторам, она што јас можам да го кажам е за проекти коишто јас сум ги започнал, за коишто стоиме јас и целото министерство сто проценти позади тоа. Меѓутоа за оваа, во конкретниот случај затекната ситуација, можам само да ви ги пренесувам информациите коишто сме ги наследиле. Тоа е дека моментален изведувач е компанијата „Вивиент“ со којашто имавме доста проектни разговори. Јас кажав и јавно го кажувам транспарентно дека, секој, секоја компанија во одреден момент треба да биде општествено одговорна и да има одговорност кон работата којашто ја презел да ја работи. Имавме неколку состаноци, на сите тие состаноци е нагласено и од моја страна, едно од побарувањата беше да до крајот на летото сите базени бидат ставени во функција и предадени на локалните самоуправи. Тоа беше мојот услов за да продолжиме соработката или да се завршат тие базени.
360°: Само формално би ве прашал , во ваше време потпишувавте некакви анекси со нив или тоа се направи претходно?
Не, не. Во наше време нема потпишано, јас колку што сум информиран, можеби грешам. Не е потпишано во наше време продолжување. Во наше време мислам дека, по исти принцип го решаваме и базенот во Охрид. Во наше време мислам дека, сега треба да се потпише продолжување на договорот за базенот во Охрид за да можеме да го завршиме во најбрз можен рок и мислам дека доколку се постигне добра динамика на работа, којашто јас ја барам од сите подизведувачи, мислам дека за некоиси десетина месеци ќе го завршиме и ќе го пуштиме во употреба.
360°: Како го решивте проблемот со надзорот ? Бидејќи надзорот исто така имаше рок на важност на договорот, а којшто е истечен во јули или август 2024 година. Кој го врши надзорот сега на објектите коишто се градат?
Со дел од општините направивме договор тие да го преземат надзорот. На пример, со Општина Кисела Вода, со Општина Битола. Не сме отишле на увид на базенот во Кичево, тој не е ни почнат со продолжување на работата во Кичево. Сè додека не го решиме надзорот, затоа што најпрвото треба да има согласност од градоначалникот на Кичево, да го потпишеме тој договор за надзор за да го преземат тие надзорот, за да можеме да го продолжиме. Онаму каде што не може општината да го финансира тоа, ќе продолжиме ние со надзорот. Значи, во постапка за нов надзор се во Ѓорче Петров, Карпош, јас мислам дека во голем дел е и завршен базенот, ако не се лажам. Карпош, Кичево и Струмица, таму се застанати работите.
360°: Кога мислите дека сите овие проекти ќе бидат завршени, барем оние што беа почнати? Бидејќи оригинално беше идејата да се градат 14 базени, а еве само еден изграден после пет години.
Јас кажав дека имам еднаш во неделата разговор со тие економски оператори. Нашите инженери од министерството на неделно ниво одат на терен и ја контролираат работата и до каде е работата. Нормално добивам известувања со слики, со објаснувања, со детали како оди работата. Мислам дека на секој од моите состаноци нагласувам, а тоа е дека да се почитува договорот, да се почитува она што сме се договориле. Ако сме се договориле да се продолжи со тие базени, дека мора да си стојат на зборот и до крајот на летото сите базени, овие шест, да бидат во употреба.
360°: Дали сметате дека договорите и анексите и продолжувањата коишто ги потпишувало претходното раководство се целосно законски изведени, независно од вашата волја нели да сакате да ги завршите базените и да не се создаваат дополнителни трошоци?
Не би можел да кажам сè додека не се завршат официјалните, нели, и ревизорски извештаи и вештачењата. Она што можам да го кажеме е дека има многу нелогичности во договорите. Тоа е така, гледате дека се потпишувани договори за изградба на осумнаесет месеци, а договорите се со важност од четири години што само по себе се коси со некаква си логика во размислувањата. Меѓутоа, она што јас можам да го кажам, а се однесува во однос на Министерството за спорт и мојата работа и нашата работа во министерство, а тоа е дека ние транспарентно во секој проект којшто сме го почнале, а сме го завршиле , можеме да дадеме гаранција. Се останато што е почнато во минатото, можам само да упатам на ревизорските извештаи коишто кога ќе завршат и вештачењата, ќе бидат дадени на увид на јавноста и секој ќе има можност да си го толкува тоа како мислите дека треба да толкува. Доколку има простор за кривични пријави, нормално дека дека ќе го направиме и тоа.