Во организација на иницијативата „Да не го давиме Белград“, сношти, точно во 20 часот и 5 минути, жителите на главниот град на Србија со свиркање, трубење, тропање на тенџериња и извици го изразија своето негодување против власта на претседателот Вучиќ.
Протестот се нарекува „Крени го својот глас: Со бучава против диктатурата“ и тој ќе продолжи и наредните денови. Од него, според организаторите, се праќа порака дека граѓаните ќе се борат за демократска, слободна и солидарна Србија.
„Со закани, притисоци и насилство кон неистомислениците, со целосна контрола и злоупотреба на медиумите, партиско преземање на судството, како и со уцени и економско угнетување на голем број граѓани, режимот ја донесе Србија на чекор од диктатура. Вонредната состојба и глобалната криза со ковид-19 само ги направи работите очигледни. Власта води предизборна кампања без да се грижи за можните последици, а опасноста од пандемијата за неа е борба за рејтинг во која по секоја цена тие треба да изгледаат како спасители. Сите што аргументирано предупредуваа дека бајката која ни ја сервираат е невистинита, се најдоа на удар на режимот, кој зависи од само еден човек, кој по потреба е доктор, телевизиски водител, полицаец или судија“,
велат од Иницијативата.
На акцијата, освен белграѓани, се придружија и жителите на низа градови ширум Србија.