Американската амбасадорка во интервју за „360 Степени“ беше запрашана да ги коментира изјавите дека членството на земјава во НАТО е завршена работа еднаш засекогаш и дека дури и да дојде на власт политичка структура што нема да го почитува и спроведува Договорот, земјава не би имала никакви последици во однос на членството и статусот во НАТО.
„Мислам дека би било грешка да се каже дека би немало негативни последици ако земјата не го почитува или не продолжи да го спроведува Преспанскиот договор. Тоа е важен услов за НАТО, всушност врз основа на тоа и се темелеше одлуката на НАТО, но тоа и ЕУ го нотираше како важен дел од патот на Северна Македонија кон полноправно членство – имплементација на Договорот од Преспа и по 12 април, тоа е од суштинска важност за иднината на оваа земја и тоа треба да биде јасно како ден“,
вели Брнз.
Брнз беше прашана да ја појасни изјавата дадена во интервју за ТВ Сител, во однос на односот на главната опозициска партија кон Договорот од Преспа, кога порача дека најавите за ревизија на Договорот предизвикуваат вистинска загриженост и дека граѓаните не треба да бидат збунети или заведени за тоа колкав е влогот во тој процес. На ова, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека изјавата несоодветно се толкува во дел од јавноста и дека амбасадорката, всушност порачала оти Договорот од Преспа не треба да биде главна тема во кампањата зашто државата има реални проблеми како корупцијата, миграцијата, отсуството на странски инвестиции…
„Мислам дека бев многу јасна во мојата порака, а таа беше за реалноста на можните ризици, кога се зборува за менување или поништување на Преспанскиот договор, за земјата. Уште еднаш, јасно е дека тоа беше важно, не само од аспект на НАТО-процесот и одлуките, туку и од аспект на ЕУ која кажа колку е тоа значајно за членството на Северна Македонија во Унијата. Секако, какви било обиди за преземање чекори наназад во однос на Преспанскиот договор не само што би биле тешки ако не и неуспешни, туку би довеле до загриженост кај НАТО-партнерите, потенцијално би довеле до фрикции во НАТО и најважно од се, би биле против напредокот направен кон зачленувањето во ЕУ. Тоа го кажаа и лидерите на ЕУ. Преспанскиот, но и другите договори во однос на соседите кои Северна Македонија ги склучи се важен дел од нејзината посветеност за напредок на ЕУ-патот“,
вели Брнз.
Целосниот транскрипт од интервјуто можете да го прочитате тука.