Погледнете го целосното интервју на „360 Степени“ со Кејт Брнз, амбасадорка на САД во С. Македонија.
Кога очекувате да се заврши целата постапка за официјализирање на членството на Северна Македонија во НАТО?
Ви благодарам за поканата. Очекувам дека наскоро процесот ќе биде комплетиран и, како што кажа Генералниот секретар на НАТО, во период од неколку недели Северна Македонија ќе стане членка на Алијансата. Ова е голема работа, тоа е признание за значајниот напредок што земјата го направи и тоа го славиме. Знам дека со нетрпение очекуваме да го прославиме на историски начин во Вашингтон, исто како овде во Скопје, во Брисел и на други места.
Има тези дека завршувањето на процедурата за зачленување на земјава во НАТО е темпирано среде изборна камапња за да и се помогне на актуелната власт?
За ова прашање во Букурешт во 2008 Сојузниците беа многу јасни. Декларацијата од Самитот јасно кажа дека покана до поранешната Југословенска Република Македонија ќе упатена веднаш штом заеднички прифатливо решение за името биде постигнато. Во јуни 2018 година договор беше потпишан, потоа ратификуван и во февруари 2019 НАТО ја прати поканата за членство. Потоа стартуваа процеси на поединечни ратификации на протколот во секоја од земјите-членки на НАТО, во согласност со обврските преземени од Самитот во Букурешт. Тој процес е речиси завршен – преостанува уште една членка која е многу блиску до финиширање на процедурата. Ова е нешто што граѓаните на Северна Македонија долго време го посакуваа, и на што и НАТО беше посветен, и сме на прагот на конечно исполнување и тоа е нешто што земјава го заслужува.
Иако САД не се членка на ЕУ, од октомври наваму сте гласни во оценките дека земјите членки на Унијата направија грешка со тоа што не донесоа одлука за почеток на преговори. Вашите политички претставници и дипломати работат со скептичните земји членки за тоа да се случи што поскоро. Новиот таргет-период е од 24 до 27 март. Што е вашата проценка и информација – ќе има ли одлука за почеток на преговори со Северна Македонија кон крајот на март?
Се надеваме и очекуваме дека Советот на ЕУ ќе ја поправи грешката и ќе ја искористи можноста за време на состанокот на министрите овој месец и ќе отвори пристапни преговори со Севрена Македонија. Наша позиција и долготрајна политика која ја спроведувавме со нашите европски партнери е да ги поддржуваме аспирациите на луѓето од овој регион за интеграција во евроатлантските институции, конкретно за граѓаните на Северна Македонија. Оттука, постои вистинска шанса ЕУ на претстојниот состанок во март да прати јасно „да“ и да и даде „зелено светло“ на Северна Македонија за старт на пристапни преговори што би било одличен чекор за земјава.
Би сакал да Ви поставам неколку прашања за Договорот од Преспа: прво, има изјави дека членството на земјава во НАТО е завршена работа еднаш засекогаш и дека дури и да дојде на власт политичка структура што нема да го почитува и спроведува Договорот, земјава не би имала никакви последици во однос на членството и статусот во НАТО. Дали ова тврдење е точно?
Мислам дека би било грешка да се каже дека би немало негативни последици ако земјата не го почитува или не продолжи да го спроведува Преспанскиот договор. Тоа е важен услов за НАТО, всушност врз основа на тоа и се темелеше одлуката на НАТО, но тоа и ЕУ го нотираше како важен дел од патот на Северна Македонија кон полноправно членство – имплементација на Договорот од Преспа и по 12 април, тоа е од суштинска важност за иднината на оваа земја и тоа треба да биде јасно како ден.
Во последното ваше интервју за ТВ Сител, прашани за односот на главната опозициска партија кон Договорот од Преспа, порачавте дека најавите за ревизија на Договорот предизвикуваат вистинска загриженост и дека граѓаните не треба да бидат збунети или заведени за тоа колкав е влогот во тој процес. На ова, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека Вашата изјава несоодветно се толкува во дел од јавноста и дека Вие, всушност, сте порачале оти Договорот од Преспа не треба да биде главна тема во кампањата зашто државата има реални проблеми како корупцијата, миграцијата, отсуството на странски инвестиции… Може ли да ја објасните таа ваша изјава и што точно сакавте да порачате со неа?
Мислам дека бев многу јасна во мојата порака, а таа беше за реалноста на можните ризици, кога се зборува за менување или поништување на Преспанскиот договор, за земјата. Уште еднаш, јасно е дека тоа беше важно, не само од аспект на НАТО-процесот и одлуките, туку и од аспект на ЕУ која кажа колку е тоа значајно за членството на Северна Македонија во Унијата. Секако, какви било обиди за преземање чекори наназад во однос на Преспанскиот договор не само што би биле тешки ако не и неуспешни, туку би довеле до загриженост кај НАТО-партнерите, потенцијално би довеле до фрикции во НАТО и најважно од се, би биле против напредокот направен кон зачленувањето во ЕУ. Тоа го кажаа и лидерите на ЕУ. Преспанскиот, но и другите договори во однос на соседите кои Северна Македонија ги склучи се важен дел од нејзината посветеност за напредок на ЕУ-патот.
Значаен дел од граѓаните се разочарани од начинот на кој функционира делењето на правдата во земјава и борбата против корупцијата и криминалот. На тој план има разочарување од перформансот на власта – обвинителско-судската, но и извршната. Како надворешен набљудувач, како би ги оцениле состојбите на тој план и имате ли совет како може да се подобрат состојбите?
Судските и останатите демократски реформи се маратон, а не спринт. Ова се тешки прашања и имаше позитивни чекори во земјава, како и неколку назадувања. Мислам дека е важно да се има на ум оти предизвиците со кои земјата се соочува од слаби институции, ерозија на довербата на јавноста, како и уверувањето дека правдата не е еднаква, се нешта кои се создавани подолг период и ќе биде тешко да се надминат. Ќе треба време, ќе треба определеност, посветеност за решавање на овие проблеми. Но, тоа не значи дека не може да биде направено, или дека не може побрзо да се направи. САД беа партнери во напорите да се помогне во решавањето на дел од овие проблеми и имаме причини за надеж. Мој совет би бил… Би сакала вие да дојдете со мене на една од посетите на овдешните правни факултети, нашата амбасада воспостави „правни клиники“ на Универзитетот Свети Кирил и Методиј, како и на Штуловиот универзитет во Тетово. Таму имав можност да ги видам младите, умни правници на оваа земјава во акција и тие беа одлични. И не се само студентите на право. Патувајќи низ земјата увидов дека младината е најголемата надеж на земјава – таа е мотивирана, талентирана и инвестира во иднината. Ако земјата инвистира во младите, тоа е најдобриот облог за иднината на државата и треба да се преземе.
Но, не мислите дека реалноста ги обесхрабрува?
Мислам дека младите бараат решенија, а не проблеми. Имаат волја да се борат и да бараат можности, сакаат тие можности да се рефлектираат во дебатите на емисиите како вашата или на други на форуми. Не мислам дека се обесхрабрени, но тие не го сакаат тоа што го гледаат, не мислам дека младите се подготвени да прифатат неуспех и затоа со нетрпение сакаме да застанеме зад нив и да ги поддржиме.
Законот за јавно обвинителство беше донесен без поддршка на главната опозициска партија, која критикува дека одредбата која вели оти нелегално снимени разговори не може да бидат докази во судска постапка туку само индиции за покренување истрага, води кон амнестија на актуелната власт. Што мислите Вие за Законот и за начинот на кој беше донесен?
Сметаме дека Законот за јавно обвинителство беше значаен чекор напред и го поздравуваме чекорот на Собранието за негово усвојување. Кажавме и потенциравме во секоја прилика и до гласањето во Парламентот дека на земјава и треба нов закон за јавно обвинителство кој ќе ги унпаредува целите на владеењето на правото, транспарентноста, одговорноста и доброто владеење. Со усвојувањето на овој закон се прати значаен сигнал до ЕУ, но пред се до граѓаните на земјата, дека постојат механизми кои ќе осигураат дека оние што ја злоупотребиле позицијата и врешеле влијание ќе одговараат, без оглед кои се. Така што, овој закон беше чекор напред.
Дали законот навистина го обезбедува тоа?
На крајот, тоа е прашање за правните и уставните експерти, како и за граѓаните. Она што ќе го кажам и повторам е дека за САД, и за други во Европа, беше значаен сигнал дека земјата е посветена на владеењето на правото и дека земјата е посветена на преземање одлуки неопходни за имплементирање на владеење на правото преку легислативни мерки.
Ако ги имате предвид надворешно-политичките приоритети на Вашата земја, какви се очекувањата на САД од претстојните избори во Северна Македонија?
Сакаме да видиме транспарентни и мирни избори, спроведени на фер и отворен начин. Се надеваме дека ќе видиме јавен и дискурс во камапањата што ќе биде со граѓански тон и што ќе се обраќа на прашања важни за граѓаните. Се надеваме дека граѓаните ќе гласаат со многу позитивна визија за најдобрата можна иднина која земјата може да ја има. Исто така, се надеваме и очекуваме дека по 12 април ќе има „мазно“ формирање на влада која ќе продолжи да се посветува на имплементирање на неопходните реформи за евроатлантските интеграции на земјата и која ќе одговара на прашањата најважни за граѓаните.
Повторно искористивте интересна фраза. Таа фраза беше употребена на социјалните мрежи после вашето интервју за Сител, кога велите дека очекувате мазно формирање, сега велите на влада, тогаш рековте на нова влада по изборите. Можеби можете да го коментирате тој дел од изјавата, не што мислите?
Мислам дека е многу едноставо – во земјава ќе се одржат избори чија цел е да се избере влада. Оттука, кога велам дека очекуваме „мазна“ транзиција на влада, тоа значи дека очекуваме продолжување на демократските процеси на демократски „мазен“ и мирен начин. Не мислам дека имаше некоја друга намера со мојот коментар и се надевам дека никој не би се обидел погрешно да го интерпретира. Ова е многу јасна ситуација – оваа земја распиша избори, оваа земја ќе одржи избори и оваа земја ќе напредува.