На прес-конференцијата Филипче побара јавно извинување од Христијан Мицкоски до граѓаните поради, како што наведе, „најголемата политичка хипокризија во последните години“

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, упати критики до министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и актуелната власт, одговарајќи на нивните повици за конструктивност на опозицијата околу реформите во правосудството и Изборниот законик. Филипче ги отфрли овие повици како неискрени, нарекувајќи ги обид за „мачкање очи“.
Лидерот на социјалдемократите постави низа прашања за политичката доследност на Муцунски, потсетувајќи на неговите претходни ставови за важни прашања.
„Кој Тимчо Муцунски го бара тоа? Тој што беше против Преспанскиот договор и што го бојкотираше референдумот, или овој сега што вели дека НАТО е добар сојуз и дека ја обезбедува и гарантира безбедноста на земјата и оти е добар за инвестициска клима која тие не знаат да ја искористат, а зошто, затоа што крадат пари“,
изјави Филипче.
Тој побара одговор од Муцунски и за неговиот став кон Никола Груевски – дали смета дека поранешниот премиер треба да одговара пред правосудството или верува во тврдењата за „наместени процеси“.
Во одговорот Филипче го обвини Муцунски за фаворизирање на одредена компанија, која, според него, добивала милионски тендери прво во Општина Аеродром, а потоа и во Министерството за надворешни работи.
„Не сака Тимчо Муцунски реформи и Европа, ниту Христијан, ниту бандата. Реформите се викаат уставни измени и почеток на преговори, отворање на поглавјата. Тоа е вистинскиот пат напред. Нека не мачкаат очи, нека не лажат. И ако не сакаат нека си заминат затоа што ќе одговараат и Тимчо и сите и ќе враќаат пари“,
рече Филипче.
Претседателот на СДСМ ја обвини Владата дека самата ја попречува реформската агенда и дека не покажува волја за вистинска заедничка работа со опозицијата. Како пример го наведе носењето на Законот за владата.
„Да сакаа заедничка работа, немаше на сила да го донесат Законот за влада. Во 2018 година на Христијан Мицкоски му беше дадено сè – техничка влада по негово барање и со консензус, а сега на сила ја укинаа и ја видоизменија“,
истакна Филипче.
На прес-конференцијата Филипче побара јавно извинување од Христијан Мицкоски до граѓаните поради, како што наведе, „најголемата политичка хипокризија во последните години“.
Филипче потенцира дека ВМРО-ДПМНЕ ги добила изборите со лажна теза дека Преспанскиот договор е предавство, за денес највисоките државни функционери целосно да го прифатат и афирмираат.
„Христијан Мицкоски јавно изјави дека Преспанскиот договор е ремек-дело на дипломатијата, а претседателката Сиљановска-Давкова дека тој го зачувува македонскиот идентитет. Каде исчезнаа ветувањата дека ќе го поништат договорот и дека никогаш нема да кажат ‘Северна’?“,
праша Филипче.
Лидерот на СДСМ ги образложи придобивките од договорите, нагласувајќи дека тие не само што ги гарантираат македонскиот јазик и идентитет, туку и ја рушат бугарската теза за „ист народ“.
„Со внесувањето на Бугарите во Уставот се прави јасна дистинкција помеѓу македонскиот народ и бугарското малцинство. Се руши целата пропаганда дека нема посебен македонски народ“,
додаде Филипче.
Според Филипче, сегашната власт свесно го кочи европскиот пат за да ги заштити своите бизнис-интереси и да избегне независна контрола врз правосудството.
„Тие не ја сакаат Европа затоа што Европа носи независни институции, носи независно судство, носи европско обвинителство. И тогаш секој ќе одговара за криминалот и корупцијата. Ете затоа таа група сака да ја загрози иднината на вас и вашите деца. И тоа нема да им го дозволиме. Затоа што доаѓа време на вистината, правдата и одговорноста“,
рече Филипче.
