Портпаролот на полицијата изјави дека си уште не се знае дали двајцата загинати биле во авионот или во фабриката
Две лица загинаа, а осумнаесет се повредени кога мал авион денеска се удри во фабрика за мебел во Калифорнија, јавува Скај њуз. На снимката од надзорната камера се гледа како авионот се навалува на едната страна додека се приближува до зградата, пред да експлодира.
Авионот потоа пропаднал низ покривот на зградата во која во тоа време биле 200 работници. Несреќата се случила само две минути откако авионот полетал од општинскиот аеродром „Фулертон“ во округот Оринџ.
Портпаролот на полицијата изјави дека сè уште не се знае дали двајцата загинати биле во авионот или во фабриката. На осум повредени лица на самото место им била укажана прва помош, а десет од нив морале да одат во болница.
Потврдено е дека моделот на авион е РВ-10 со четири седишта. Тоа е втор ваков модел што доживеал несреќа по полетувањето од истиот аеродром во период од два месеца.
