Ангелов особено ја истакна храброста на младиот Александар Чепиговски од селото Ивањевци, кој направил херојско дело орајќи со својот трактор покрај пожарот за да го пресече патот на огнот што се движел кон Лознани

Вчерашниот ден беше најтешкиот од почетокот на оваа сезона на пожари од аспект на загрозеност на населените места, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, во видеоизјава.
Во текот на изминатото деноноќие биле регистрирани над 40 пожари на отворен простор. Во моментов активни се уште шест пожари, но тие не ги загрозуваат населените места ниту се закануваат да зафатат квалитетна шума.
Најдраматична била ситуацијата во селото Богомила во Општина Чашка, каде што огнот се приближил до самите куќи. Благодарение на храбрата реакција на локалното население и брзата интервенција на пожарникарите од Велес, катастрофата била спречена, а пожарот бил ставен под контрола.
Најтешко за справување било во Пелагонија, каде што биле загрозени селата Ивањевци, Лознани и Новоселани.
„Во доцните попладневни часови лично пристигнав во селото Лознaни и тоа што го видов беше застрашувачки затоа што огнот беше на 50-ина метри над куќите и се движеше по висока сува трева кон првите куќи на селото. Веднаш побарав поддршка од тимови со четири ‘пинцгауери’ од ДЗС и тим за брз одговор од 20 припадници на ДПД ‘Архангел’ од Битола“,
истакна Ангелов.
Во овие пожари, додаде тој, е регистрирано и едно повредено лице – жител кој здобил изгореници на дланките и бил веднаш пренесен во болница.
Ангелов посебно ја истакна храброста на младиот Александар Чепиговски од селото Ивањевци, кој направил херојско дело орајќи со својот трактор покрај пожарот за да го пресече патот на огнот што се движел кон Лознани.
Како сериозен го оцени пожарот кој трае неколку дена на територијата на Македонски Брод. Се работи за тешкопристапен карпест терен поради што вчера наутро почнал со работа еден модул за шумски пожари на ДЗС, составен од 25 доброволци и пет оперативци на Дирекцијата.
„Во текот на вчерашниот ден имаа извонредни резултати бидејќи изгаснаа поголема линија од пожарот, а рано утрово продолжија со работа“,
посочи Ангелов.
„Ертракторите“ вчера интервенирале на големиот пожар во атарот на село Студеничани кој се ширел кон планината. Ангелов рече дека делумно пожарникарите, делумно слаб дожд помогнале овој пожар да ја изгуби силата, но, за жал, сè уште е активен.
