„Дали тоа значи дека еден ден кога јас ќе отидам во пензија, кога ќе заборавам дека сум бил директор на ДЗС, ако се случи некоја трагедија, некој треба мене да ме уапси?“, праша директорот на ДЗС
Смета дека по трагедијата во Кочани не е потребно да се менуваат законите во делот на противпожарната заштита, бидејќи, како што вели, постојните прописи се доволно добри
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов смета дека поранешните директори на институцијата кои се опфатени со одговорност во случајот со трагедијата во Кочани се колатерална штета. Праша зошто поранешниот директор Шабан Салиу би бил одговорен за трагедијата, ако функцијата ја извршувал десет години пред да се случи пожарот.

„Јас ги сметам директорите пред мене за колатерална штета, кои што во таа, да речам, тогаш во длабоката болка, тага, едноставно отидоа како колатерална штета. Јас не гледам што е виновен Шабан Салиу, кој што бил директор десет години пред да се случи трагедија“,
изјави Ангелов во гостување во емисија на Канал 77.
Направи споредба со сопствената позиција и праша дали тоа значи дека, доколку по неговото пензионирање се случи некоја трагедија, и тој би можел да биде уапсен само затоа што во минатото бил директор на ДЗС.
„Дали тоа значи дека еден ден кога јас ќе отидам во пензија, кога ќе заборавам дека сум бил директор на ДЗС, ако се случи некоја трагедија, некој треба мене да ме уапси?“,
праша тој.
Зборувајќи за ноќта на трагедијата, Ангелов откри дека дел од информациите поврзани со случувањата во Кочани не ги памети целосно.
„Имам помрачувања на одредени информации поврзани со Кочани, ги имам потиснато, бидејќи сите кои учествувавме во тој ужас имаме одредени последици“,
рече Ангелов.
Раскажа дека првата информација за пожарот стигнала до 112 во Центарот за управување со кризи во 2 часот по полноќ, по што веднаш бил известен од дежурниот службеник.
Веднаш го побарал градоначалникот на Кочани, кој, како што вели, на местото на трагедијата бил меѓу првите.
„Успеав да го разбудам, отиде тој веднаш, меѓу првите, да кажам, веднаш, се разбира после пожарникарите. Подоцна, расплакан ми се јави, цело време повторуваше ужас, ужас, трагедија, трагедија. Не можеше ни да зборува“,
додаде тој.
Смета дека по трагедијата во Кочани не е потребно да се менуваат законите во делот на противпожарната заштита, бидејќи, како што вели, постојните прописи се доволно добри.
„Не треба ништо да се смени. Законите беа извонредни и претходно. Се знае противпожарната заштита. Отсекогаш тоа постоело, и во Југославија и во независноста“,
кажа директорот.
Според него, проблемот не бил во законската регулатива, туку во нејзиното непочитување.
„Ако го следиш судењето, ќе видиш дека се прекршени сите можни закони. Таму дискотеката работела на диво, дури во последниот период таа немала никаква дозвола“,
вели Ангелов.
Се осврна и на прашањето за инспекциите и одговорноста на институциите за контрола на ваквите објекти. Тврди дека институциите не можат да вршат инспекција на објект кој работи целосно нелегално и нема потребните дозволи.
„И ние не можеме да инспектираме објект кој е нелегален, на црно. Како ќе направите инспекција во него?“,
праша тој.
Според него, трагедијата ја променила свеста кај граѓаните, но и кај сопствениците на објекти во кои се собираат поголем број луѓе.
„Она што таму се случи сметам дека ја промени свеста кај сите граѓани, но и кај сопствениците на вакви објекти“,
заклучи Ангелов.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата.
Во него загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
За пожарот се обвинети 35 физички и три правни лица. Меѓу нив се сопственикот на кабарето, негови блиски, инспектори на државни институции, поранешни министри и припадници на агенцијата што го обезбедувала т.н. кабаре и нејзиниот сопственик. На почетокот на судскиот процес сите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни и ја оспорија тезата на одбраната дека има каузална, односно причинско-последична врска помеѓу нивните дејствија и причината за смртоносниот пожар. Судењето го води судијката Диана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
