Александар Наунов, татко на Надица Наунова, која загина во пожарот, и претседател на Здружението „16 Март Кочани“ вели дека денешното рочиште отвора уште посериозни прашања

Т.н. кабаре „Пулс“, но и други објекти во Кочани не биле опфатени со плановите за надзор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Ова денеска беше посочено во судницата во Идризово во продолжението на судскиот процес за пожарот во кој лани загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. На рочиштето беа презентирани планови за квартални инспекциски контроли, годишни програми и службени документи на Дирекцијата за заштита и спасување, потпишани со името на Шабан Салиу, кој од 2012 до 2017 бил директор на институцијата.
Салиу реагираше дека дел од потписите на документите не се негови, иако на нив стои неговото име како директор.
Обвинителството посочи дека во 2015 година Кочани немало назначен инспектор, што се гледа и од доказите за годишните програми и распоредот на инспектори. И покрај тоа, во 2015 година инспектори од Скопје извршиле надзор само врз еден правен субјект со низок ризик, што обвинителството го оцени како селективно.
Во делот на угостителските објекти, како што беше посочено, програмата за 2012 до 2014 година предвидувала надзор врз поголеми хотели, ресторани и мотели, но кафулињата и дискотеките повторно не биле опфатени.
Александар Наунов, татко на Надица Наунова, која загина во пожарот, и претседател на Здружението „16 Март Кочани“ вели дека денешното рочиште отвора уште посериозни прашања.
„Денес во судница слушнавме одбрана дека дел од потписите не биле на обвинетиот. Иако на документите стоело неговото име како директор, остана впечаток дека најголемото прашање повеќе не е кој ја водел институцијата, туку кој го држел пенкалото“,
рече Наунов.
Тој додаде дека ако навистина некој друг потпишувал наместо директорот, тогаш тоа укажува на системски пропусти.
„Ако некој можел да става туѓ потпис, да поминуваат планови и извештаи без знаење на раководството, тогаш прашањето е каде била контролата. Директорската функција не е рамка за име на документ, таа носи одговорност за тоа што излегува од институцијата“,
додаде тој.
Според него, јавноста оправдано се прашува чиј бил потписот, кој го дозволувал тоа и како таквата пракса можела да трае со години.
На претходното рочиште имаше презентација на доказите за инспекциските надзори на општинските инспектори.
Обвинителот продолжи со прикажување на материјалните докази, кои се однесуваат на инспекциските надзори за угостителска дејност спроведувани од Општина Кочани. Во доказниот сет беа презентирани извештаи за работа на инспекторите, овластувања на градежни инспектори, како и документација за вршење заеднички инспекциски и теренски надзори.
Обвинителството приложи и решенија за вработување овластени градежни инспектори, кои според нив се релевантни за утврдување на надлежностите и одговорностите во периодот пред пожарот.
Пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата, во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
За пожарот се обвинети 35 физички и три правни лица. Меѓу нив се сопственикот на кабарето, негови блиски, инспектори на државни институции, поранешни министри и припадници на агенцијата што го обезбедувала т.н. кабаре и нејзиниот сопственик. На почетокот на судскиот процес сите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни и ја оспорија тезата на одбраната дека има каузална, односно причинско-последична врска помеѓу нивните дејствија и причината за смртоносниот пожар. Судењето го води судијката Диана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
