Поранешниот лидер на Алијанса за Албанците го пречека пред затворската капија, а настанот го пренесуваше во живо на социјалните мрежи. Тој изјави дека го смета Алими за брат бидејќи, повтори, во настаните во Собранието на 27 април му го спасил животот

Поранешниот член на собраниското обезбедување Абдулфета Алими ја одлежа затворската казна за случајот „27 април“, поврзан со упадот во Парламентот пред околу шест години и од денеска е на слобода.
Тој беше правосилно осуден на 6 години затвор за настаните од 27 април 2017 година затоа што му ги дал клучевите од собраниските врати на Горан Ѓошевски (началник на личното обезбедување на поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски). Алими, на судењата, тврдеше дека само постапувал по наредба на надредените и дека во моментот кога му ги дал клучевите на Ѓошевски, едната собраниска врата веќе била отворена.
За време на целиот судски процес, поддршка на Алими му даваше Зијадин Села. Поранешниот лидер на Алијансата за Албанците, кој беше претепан до бессознание, тврдеше дека Алими му го спасил животот таа вечер.

Денеска Села го пречека пред затворската капија, а настанот го пренесуваше во живо на социјалните мрежи. Тој изјави дека го смета Алими за брат бидејќи, повтори, во настаните во Собранието на 27 април му го спасил животот.
Претседателот Стево Пендаровски лани донесе одлука делумно да го помилува Алими и му скрати осум месеци од затворската казна.
За настаните во Собранието беа обвинети 33 лица, кои се гонеа за терористичко загрозување на уставниот поредок. Од нив 15 беа амнестирани со Законот за амнестија, оперскиот пејач Игор Дурловски ако еден од водачите на протестите што се одржуваа тогаш доби ослободителна пресуда, додека останатите добија затворски казни. Највисока, 16-годишна казна доби тогашниот директор на БЈБ, Митко Чавков.