Корупцијата ги тера луѓето да заминуваат од Западен Балкан, така што, колку побрзо го решиме ова прашање, толку поздрава ќе биде и економијата и демократијата во оваа земја. Ова, во интервју за „360 степени“, го порача шефот за Западен Балкан во американскиот Стејт департмент по средбите со државно-владиниот врв во Скопје.
На констатацијата на новинарот дека „за граѓаните на Северна Македонија, на внатрешен план, се чини, главни проблеми остануваат широко распространетата корупција, владеењето на правото, независноста и ефикасноста на судството“, по што следуваше прашање за тоа која би била „неговата порака во овој контекст, имајќи ја предвид определбата (Меморандумот) на претседателот Џо Бајден со која борбата против корупцијата беше поставена како клучен интерес за националната безбедност на САД“, Ескобар вели:
„Така е. Како што знаете, корупцијата сериозно им наштетува и ги нагризува демократиите. Северна Македонија е извонреден пример за мултиетничка хармонија, за воспоставување пример за продлабочување на евроатлантските идеали. Така што, борбата против коруцпијата е борба која постојано сите ја водиме, не само во рамките на нашите граници, туку и надвор од границите. Ја охрабрувам Владата на Северна Македонија, оваа, наредната, сите влади да ја продолжат борбата против корупција. Патем, корупцијата е таа што ги тера луѓето да заминуваат од Западен Балкан. Оттука, колку побрзо го решиме ова прашање, толку поздрава ќе биде и економијата и демократијата во оваа земја.“