Од петокот трае отворениот повик за самокандидирање на сите заинтересирани кандидати за претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и тој ќе биде отворен до четврток, 6 јуни

По Славјанка Петровска и Јован Деспотовски, денеска и ексминистерот за здравство и сегашен пратеник Венко Филипче најави дека ќе се кандидира за лидер на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) на внатрепартиските избори што ќе се одржат на 30 јуни.
Филипче во изјава МИА вели „да, поднесувам кандидатура за претседател на СДСМ“.
На парламентарните избори што се одржаа на 8 мај, Филипче беше носител на листата во четвртата изборна единица каде што СДСМ доби пет пратенички мандати.
Филипче на 22 мај објави дека, како што ветил во предизборието, ќе има средби со членовите на СДСМ и граѓаните низ целата држава. Првата средба ја имаше во Неготино од каде што рече дека на членовите и активистите им ветил дека заедно ќе ја вратат партијата на победничките патеки.
Досега кандидатури за лидер на СДСМ најавија дека ќе поднесат досегашната министерка за одбрана Славјанка Петровска и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ), Јован Деспотовски.
Такви амбиции во јавноста покажа и Стефан Богоев, актуелен директор на Царинската управа, но тој не потврди дека ќе се кандидира.
Од петокот трае отворениот повик за самокандидирање на сите заинтересирани кандидати за претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ). Повикот ќе биде отворен до четврток, 6 јуни.
Право на кандидатура имаат сите членови на партијата кои ги исполнуваат критериумите и високите вредносни, морални и етички норми.
За кандидат за претседател на СДСМ може да се кандидира лице со најмалку 5 години членство во СДСМ кој најмалку еднаш бил избран од страна на конгресот на СДСМ за член на некој од органите на партијата.
Изборите ќе ги спроведе Централна изборна комисија заедно со 80 општински изборни комисии и Одбори на избирачки места на локално ниво.
Од денеска, пак, сите активни членови на СДСМ имаат можност да се регистрираат преку онлајн алатката за активна регистрација која е достапна на интернет страницата на СДСМ, а втората опција за регистрација е преку општинските организации на СДСМ.
Внатрепартиските вонредни избори за претседател на СДСМ доаѓаат откако Димитар Ковачевски, по парламентарните избори на 8 мај, официјално го потврди своето повлекување од претседателската функција во партијата.