„Повторно министерот без да има конкретни информации со завршени записници, факти и докази излегува во јавност и се користи со лажни обвиненија, кои инаку се дел од информациите на тековно работење на министерството“, се наведува во демантот испратен од кабинетот на Тренчевска

Од кабинетот на дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика Јованка Тренчевска како непотребна и лажна ја оценуваат денешната прес-конференција на техничкиот министер од овој сектор, Ѓоко Велковски, на која, како што велат, имало информации кои не се плод на неговата работа.
„Повторно министерот без да има конкретни информации со завршени записници, факти и докази излегува во јавност и се користи со лажни обвиненија, кои инаку се дел од информациите на тековно работење на министерството“,
се наведува во демантот испратен од кабинетот на Тренчевска.
Оттаму додаваат дека Тренчевска во јануари потпишала меморандум за соработка со Министерството за внатрешни работи (МВР) за размена на податоци за поседување на моторно возило во реално време.
„Ваквиот меморандум кој стапи на сила од февруари е мерка за превенција од злоупотреба на системот за социјална заштита. Конкретно Велковски се служи со информации кои се дел од транспарентните одлуки на Тренчевска. Тука не се работи за непостапување на службениците од социјална заштита, туку за замајување на јавноста со нерелевантни податоци и засенување на видливите резултати од одлуките донесени од страна на СДСМ“,
се додава во демантот.
Пред потпишувањето на меморандумот, додаваат од кабинетот на Тренчевска, податоците со МВР беа разменувани на месечно ниво со доставување на барање за проверка на информациите.
Од кабинетот на дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика објаснуваат дека според Законот за социјална заштита, секогаш кога ќе се утврди бесправна исплата на правата од социјална заштита лицата ги враќаат средствата. Истата пракса, додаваат оттаму, ќе се спроведе и ако министерот најде какви било неправилности за исплата на гарантирана минимална помош и социјална пензија.
„До денес во секој случај каде е утврдено дека корисникот дал лажни информации за поседување на имот, правото од социјална заштита се укинува, а корисникот го враќа добиениот паричен надоместок“,
се вели во демантот.
Во демантот се додава и дека изминатите 50 дена министерот Велковски со јавноста не споделил ниту еден релевантен статистички податок, ниту еден факт и ниту една теза до денес не ја одбрани со аргумент. Вакви се, велат од кабинетот на Тренчевска, кадрите на ДПМНЕ, без решенија и без конкретни знаења.
Демантот од кабинетот на Јованка Тренчевска доаѓа откако министерот за труд и социјала во техничката влада Ѓоко Велковски кој е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, денеска на прес-конференција соопшти дека се познати 2 252 исплаќања на сметките на корисници на социјална помош кои по сила на закон не треба да ја примаат и оти била забележана и ретроактивна исплата на средства за повеќе месеци наназад, што, според него, отворило сомнеж во институциите под надлежност на Министерството за труд и социјална политика (МТСП).
Според него, манипулацијата е системска и како што рече, во неа веројатно биле вклучени повеќе лица, за што е започнат и вонреден инспекциски надзор, со цел да се откријат сторителите, вели Велковски, зад овој милионски криминал во МТСП.