Со податоци за излезеноста, но без исходот од изборите, е веб-страницата на Државната изборна комисија (ДИК).
Во моментов таа се отвора, но повторно има проблеми. Во делот за излезеноста, на пример, можат да се видат податоци со мапа, но до 20:30 часот, а не и до 21 кога беа затворени гласачките места. Податокот за излезеноста на веб-страницата не е целосен ниту според бројот на обработени гласачки места со оглед на тоа дека пишува оти има вкупно 3 480 гласачки места, а обработени се 3 467, што значи дека 13 места не се вкалкулирани.

Неофицијалните првични резултати, пак, во овој момент не може да се отворат.

Во врска со проблемот со веб-страницата, претседателот на ДИК Оливер Деркоски вчера рече дека се работи за хакерски напад однадвор, но дека податоците не се загрозени.
Деркоски синоќа на јавна седница ги соопшти првичните резултати, според кои, коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ освои 46 пратеници, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ 15, Алијанса за Албанците и Алтернатива 12, Левица два и ДПА еден мандат. Во моментов течат роковите за приговорите од страна на учесниците на изборите.
Проблемите со веб-страницата на ДИК се појавија набрзо по затворањето на гласачките места во средата вечерта, а оттаму вчера пријавија во МВР дека имале хакерски напад.