Во подготовката за вечерашнава дебата во емисијата „360 Степени“, за „начелното правно мислење“ утврдено од Врховниот суд, со кое се прогласува за незаконско се што СЈО преземало и презема по 30 јуни 2017 година, побаравме став од Амбасадата на Холандија, земја-членка на ЕУ која покажува најголем интерес за принципот на владеење на правото. Еве го коментарот на амбасадорот Ваутер Пломп:
„СЈО беше формирано како резултат на политички преговори во време кое беше навистина тешко за Македонија и кога довербата на граѓаните во правниот систем беше на многу ниско ниво. Иако се соочија со многу предизвици уште на самиот почеток од нивната работа, успеаја да постигнат исклучителни резултати. Холандија ја поддржува работата на оваа институција затоа што веруваме дека владеењето на правото е од клучна важност за функционирањето на која било држава и на Европската унија во целост. Владеење на правото значи дека законите треба да важат подеднакво за сите, и дека кој и да ги прекрши законите треба да одговара за тоа, без оглед на неговата или нејзината претходна, сегашна или идна политичка припадност или функција. Како донатор и како поддржувач на Македонија и на СЈО сакаме нашата поддршка да биде од корист и работата да биде завршена, односно да се воспостави одговорност. За ова да се постигне, СЈО треба да има доволно капацитет и независност како и целосна непречена соработка со другите државни институции.
Потребни се одржливи реформи, како и континуирани резултати, особено во областа на судската независност и борбата против корупцијата и организираниот криминал. Тоа вклучува и воспоставување на одговорност за кривичните дела кои произлегуваат од прислушкуваните материјали од 2015 година. Сметаме дека тоа е клучниот чекор во ставање крај на неказнивоста и враќањето на довербата на граѓаните во државните институции и судството. Сегашната и идна работа на СЈО е токму во оваа насока.“
Напишете коментар