„Загрижени сме дека со ангажманот на Васко Тендер Ковачевски може да стане збор само за провизии на штета на граѓаните“, велат од опозициската партија и додаваат дека „ако снабдувањето на енергенси на државата во криза се смета за обичен пазар, тогаш имаме сериозен проблем“
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ експресно одговори на повикот на директорот на АД „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), кому во реакцијата му се обраќаат со Васко Тендер Ковачевски, и велат дека тој бил премногу ризичен за да му бидат доставени какви било понуди во врска со набавка на енергенси за производство на топлинска и на електрична енергија.
„Васко Тендер Ковачевски е ризичен за да му бидат доставени какви било понуди, загрижени сме дека со ангажманот на Васко Тендер Ковачевски може да стане збор само за провизии на штета на граѓаните“,
се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму додаваат дека понудата за дуел е јавна, а барањето за средба е исто така јавно, алудирајќи на повикот на лидерот на партијата, Мицкоски до премиерот Димитар Ковачевски за телевизиски дуел.
„Ова не е пазар, туку сериозна работа. Ако снабдувањето на енергенси на државата во криза се смета за обичен пазар, тогаш имаме сериозен проблем“,
велат од најголемата опозициска партија.
Директорот на АД „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), Васко Ковачевски, денеска во изјава за медиумите јавно го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, веднаш да ги исконтактира компаниите со кои тврди дека има контакти и кои можат да достават мазут и природен гас по цени со кои државата ќе заштеди 300 милиони евра и да побара тие фирми најдоцна до среда да достават официјални понуди до ЕСМ.
Директорот на ЕСМ беше дециден дека доколку евентуално пристигнатите понуди ги исполнуваат овие критериуми и доколку овие понуди по препорака на Христијан Мицкоски имаат најниски цени и доколку тие цени како што кажа (Мицкоски) вчера ќе донесат бенефит на државата и на и на ЕСМ од 300 милиони евра државната компанија веднаш ќе склучи договори за испорака на овие енергенси за грејната сезона.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вчера на брифинг со новинарите го образложи својот предлог и кажа дека ВМРО-ДПМНЕ обезбедила индицирани понуди за набавка на 200 000 тони за ТЕЦ „Неготино“ и 250 милиони кубни метри гас за гасната централа ТЕ-ТО, со кои значително ќе се ублажи енергетската криза во Македонија и ќе се заштедат најмалку 300 милиони евра.
Тој вчера, но и денеска го повика премиерот Ковачевски на телевизиски дуел, а Владата да одговори зошто го одбива понудениот план за справување со енергетската криза и дали, како што кажа Мицкоски, можеби се во игра тендери, бизнис-зделки или договори во четири очи.