Од Министерството за здравство информираат дека се набавени за 50 отсто поголема количина вакцини
Вакцинацијата против сезонски грип ќе почне кон средината на октомври, информираат од Министерството за здравство, од каде што додаваат дека се набавени за 50 отсто поголема количина вакцини.
Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска во Њујорк се сретнал со делегација на Работната група за глобално здравје, предводена од директорот на Партнерството за меѓународни иницијативи за вакцини (ПИВИ), Џозеф Брези, и директорката за комуникации и развој, Аманда Болстер, со кои разговарал за актуелните предизвици и приоритети со цел унапредување на здравствените услуги.
Како што информираат од ресорното Министерство, Меџити се заблагодарил за досегашната соработка, истакнувајќи го значењето на обезбедената помош и поддршка за оваа година со 15 000 дози вакцини.
„Соработката со ПИВИ започнува од 2018/19 година со лансирање на кампањата за бесплатна вакцинација на лица над 65 години за инфлуенца. Следни чекори што ни претстојат во склоп на оваа соработка, е развој на Националната програма за инфлуенца вакцинација, зголемување на бројот на вакцинирани кои спаѓаат во ризичните групи, развој на комуникациска стратегија наменета да ги таргетира овие ризични групи и зголемување на свесноста на популацијата и здравствените работници за вакцинацијата против инфлуенца“,
наведуваат од Министерството за здравство.