Од Кривичен велат дека со оглед на фактот ото судот не може да му определи построга мерка од онаа што ја предложил јавниот обвинител, на П. В. му се определени мерки на претпазливост, како одземање на патната исправа и забрана за преземање определени работни активности
Во полициското соопштение се вели дека вишиот обвинител е лишен од слобода, а во рамките на претресите извршени во неговиот дом во Прилеп и во службените простории што ги користи, се пронајдени и одземени шест мобилни телефони, уесбе и еден персонален компјутер
Мерки на претпазливост му се определени на Пецо Везироски, шефот на Вишото јавно обвинителство Битола, против кого е поведена истрага поради сомнение за примање награда за противзаконито влијание, соопштија денеска од Кривичниот суд Скопје.

Оттаму велат дека судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), определи мерки на претпазливост против П. В., виш јавен обвинител од Битола.
Предлогот на ОЈО ГОКК е прифатен по сослушување на осомничениот во присуство на неговиот бранител, како и по разгледување на фактите и доказите содржани во предлогот.
„Против В. П., кој се сомничи за кривично дело примање награда за противзаконито влијание, со оглед на фактот дека судот не може да му определи построга мерка од мерката предложена од јавниот обвинител, му се определуваат мерки на претпазливост, како одземање на патната исправа и забрана за преземање определени работни активности“,
се вели во соопштението од Кривичен.
Против ова решение, странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет на овој суд.
Претходно од Министерството за внатрешни работи (МВР) соопштија дека Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО ГОКК поднесе кривична пријава против П. В. од Прилеп поради сомнение дека сторил кривично дело примање награда за противзаконито влијание.
Според пријавата, П. В. во својство на виш јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Битола во повеќе наврати влијаел врз донесувањето одлуки од страна на други јавни обвинители, со цел изрекување поблаги казни за сторителите.
Во полициското соопштение се вели дека вишиот обвинител е лишен од слобода, а во рамките на претресите извршени во неговиот дом во Прилеп и во службените простории што ги користи, се пронајдени и одземени шест мобилни телефони, уесбе и еден персонален компјутер.
Како што објави „360 степени“, повикувајќи се на извор од истрагата, Пецо Везироски, шефот на Вишото јавно обвинителство Битола, е обвинителот против кого е поведена истрага поради сомнение за примање награда за противзаконито влијание.
Везироски беше избран за шеф на Вишото јавно обвинителство Битола на 30 септември 2022 година. Обвинителството со кое раководи ја надгледува работата на основните обвинителства во Битола, Прилеп, Охрид, Струга и Ресен.
Неговото име беше споменувано во јавноста и во врска со враќањето на пасошот на Борче Марковски, сопственик на „Марковски компани“, обвинет во случајот за злоупотреби при јавна набавка во РЕК „Битола“.
„360 степени“ во јули објави дека Основното јавно обвинителство Струга се противело на враќањето на пасошот, но позитивно мислење стигнало од Вишото јавно обвинителство Битола, со кое раководи Везироски.
