Според него, било планирано на бугарски компании да им бидат продадени една национална телевизија, телекомуникациски оператор, банка, рудник и кабелски оператор
Владата на Социјадемкратскиот сојуз (СДСМ) прифати сè што побара Бугарија, а дури договараа и продажба на пет приватни македонски компании, рече денеска, во гостување на радио „Лидер“, вицепремиерот и министер за транспорт Алекнсадар Николоски, одговарајќи на новинарско прашање за обвинувањата на опозицијата дека власта го кочи процесот на евроинтеграциите на државата, односно работи на нејзина изолација.

„Во 2022 година СДСМ ѝ прифатија се на Бугарија. Им дадоа празен лист на Бугарите, а тие си напишаа што сакаат и овие го потпишаа. Но, народоот во 2024 година јасно кажа. ВМРО-ДПМНЕ доби 58 пратеници, а СДСМ доби 18 пратеници. Владата на ВМРО-ДПМНЕ, владата на Христијан Мицкоски не се договараше во пакет, и тоа не знам како бидејќи се работи за приватни компании, на Бугарија да се продадат една национална телевизија, еден телеком-оператор, една банка, еден рудник и еден кабелски оператор. Ние такви работи не договаравме, ниту договараме. Такви работи договараше владата на СДСМ, предводена од Зоран Заев, Димитар Ковачевски, а каде министер за здравство беше Венко Филипче“,
рече тој.
Посочи дека токму тоа е суштинската разлика меѓу нив и владата на СДСМ, која ги продавала националните интереси и затоа граѓаните ги казниле на изборите.
„Тоа е суштинската разлика помеѓу нас и нив. Ние мора да се концентрираме на овие работи, затоа што мора да знаеме како сме стигнале до овде. Ние не сме стигнале до овде затоа што сме се разбудиле едно утро и немаме попаметна работа, па ајде сега ќе се расправаме со соседите, туку затоа што на другата страна имаше политичка структура која единствено и само ја интересираше да ги наполнат џебовите и да ја дувнат, и затоа сега се во состојба во каква што се“,
кажа Николовски во гостувањето на радиото.
Според него, природно е во секоја европска држава опозицијата да расте, а кај СДСМ не се случува тоа, што, како што додаде, значи дека партијата има проблем.
