Протестот е организиран од семејството на 24-годишната Викторија Николова, која животот го загуби на пешачки премин кога беше удрена од автомобил. Незадоволно од пресудата за тригодишната затворска казна за возачот Јордан Ѓорѓиев, семејството порачува: „Да кажеме стоп на лошите пресуди и на сообраќајното насилство!“
Под слоганот „Стоп на лошите пресуди и стоп на сообраќајното насилство“ утре, со почеток во 10 часот, ќе се одржи едночасовен протест пред Кривичниот суд во Скопје во однос на незадоволството од пресудата за тригодишна казна затвор што ја доби возачот Јордан Ѓорѓиев.
Ѓорѓиев на 20 јануари годинава со автомобил ја усмрти 24-годишната Викторија Николова додека таа преминувала на пешачки премин, а со повреди се здоби и нејзиното момче Леонид Даов кој ја придружувал.
Протестот е организиран преку Фејсбук од момчето на починатата Викторија, како незадоволство во однос на пресудата за возачот Ѓорѓиев.
„После пресудата од 11.04.2022 на Основниот Кривичен Суд Скопје, Викторија и Леонид не ја добија пресудата која е правична и праведна! Немаме владение на правото, немаме спокој на душите! Имаме граѓанско право да го кренеме својот глас и за Викторија, но и за сите жртви на сообраќајно насилство и неправедно пресуди! Да ја разбудиме свеста, да бидеме гласот на покојните и гласот на жртвите! Да кажеме стоп на лошите пресуди и на сообраќајното насилство!“
пишува во Леонид во објавата на Фејсбук.
По изрекувањето на тригодишната затворска казна за возачот Јордан Ѓоргиев за сообраќајката несреќа кај „Сити мол“, семејството на Николова и нивниот адвокат не го криеја револтот од висината на казната и рекоа оти се згрозени од државата и од судството.
„Што да кажеме. Немам зборови, згрозен сум од оваа држава и од судството и затоа има толку голем процент на доверба во судството – нула проценти. Друго немам ништо. Ние како фамилија сме згрозени со ваква пресуда. Немаме зборови, сите ќе ја напуштат оваа држава“,
изјави пред медиумите таткото на загинатата девојка, додека нејзината мајка не можеше да ги задржи солзите.
Сообраќајката во која загина 24-годишната Викторија Николова се случи на 20 јануари годинава, а во неа беше повредено и нејзиното момче Леонид Даов. Семафорот на местото на несреќата бил исклучен, а до несреќата дошло кога возачот не застанал на пешачкиот премин и не обратил внимание на пешаците на коловозот, иако бил должен да го стори тоа. Брзината со која возел била 67,3 километри на час, што е за 17,3 повеќе од максимално дозволените 50 километри на час.