Претседателот Пендаровски и на оваа седница не ги покани партиските лидери. Дополнително се поканети само министерките Царовска и Ангеловска и гуверенерката на Народната банка
Претседателот Стево Пендаровски го свика повторно Советот за безбедност – по вторпат од почетокот на кризата со корона вирусот. Седницата е закажана за утре, со почеток во 14 часот, а, според листата на поканети, се очекува и дебата за економските последици од епидемијата.
Од кабинетот на Пендаровски соопштија дека, покрај постојаните членови на Советот за безбедост, на утрешната седница се поканети и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска, министерот за здравство, Венко Филипче и министерката за финансии, Нина Ангеловска. Министерот Филипче и началникот на ГШ беа поканети и на претходната седница на Советот, како советодавно тело на шефот на државата.
Се очекува и присуство на премиерот Оливер Спасовски и на претседателотна парламентот Талат Џафери, како и на министрите за внатрешни и за надворешни работи и за одбрана – Наќе Чулев, Никола Димитров и Радмила Шекеринска, како членови на Советот по функција, покрај тројцата надворешни членови предложени од Пендаровски.
Минатата седница на Советот за безедност и претходеше на одлуката на шефот на државата за прогласување вонредна состојба во земјава, која треба да трае до 13 прил, односно 30 дена. ВМРО-ДПМНЕ тогаш реагираше дека партиските лидери не биле поканети на средбата, додека од кабинетот на Пендаровски одговорија дека министерот Чулев е претставник на опозицијата.