Следните мерки кои би се донеле се рестрикции во јавниот превоз, ограничување на работата на баровите и рестораните. Тие би можеле да се однесуваат и на само неколку општини
Комисијата за заразни болести на утрешниот состанок ќе дискутира за тоа дали се потребни дополнителни рестрикции од тие кои веќе се на сила, најави министерот за здравство Венко Филипче во гостувањето во Дневникот на Сител ТВ.
„Тоа би вклучувало рестрикција на јавниот превоз, ограничување на работа на угостителски објекти, одредени економски субјекти, компании итн., секаде каде што сметаме дека има ризик. Дел од мерките може да се таргетирани во некои општини, некои може да важат на територијата на целата држава. Сето тоа ќе го дискутираме на утрешниот состанок“,
рече Филипче.
За полициски час, пак, според него, сè уште е рано, но и тоа може да се предложи во даден момент.
„Еден од најдобрите параметри коишто ги следиме е капацитетот во болниците. Иако има слободни места, капацитетот се исполнува. Само претходниот ден имаше голем број на приеми. Во функција е модуларната болница со дополнителните тимови. Болницата во Козле исто така е спремна. Но, гледаме дека се исполнуваат капацитетите и согласно тоа можно е да предложиме и дополнителни рестрикции“,
изјави министерот.
Според него, овој есенски бран што ја зафати земјава го има и во земјите од регионот и во Европа, а немало да дојде до вакви рекордни зголемувања ако се почитувале мерките.
„Ова се случува насекаде во земјите во регионот, насекаде во Европа. Значајно се зголемува бројот на новодијагностицирани случаи. Во таа смисла, и овие мерки кои сега чекаат законски измени, а веќе следната недела законот е во Собрание, се дел од нашиот план за заострување и рестрикции за да некако го ублажиме овој скок на новозаразени лица. Ние живееме со вирусот, така и цела Европа. Доколку се почитуваа мерките немаше да има ваков скок на новозаразени. Свесни сме дека ако тие мерки не се почитуваат, треба дополнителни рестрикции“,
рече министерот Филипче.