Откако Министерството за здравство соопшти дека денеска е регистриран нов рекорден број на новозаразени – 535, опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение повторно побара министерот Венко Филипче да си поднесе оставка.
Во соопштението тие критикуваат и затоа што нема нови рестриктивни мерки.
„За Филипче и по оваа драконска бројка сепак му е рано за мерки, освен постоечките, следната недела ќе се разговарало за законски измени за маска на отворено и слично. Знае ли Филипче што може да се случи за една недела ако секој ден има огромно зголемување на бројката на новозаразени во едно деноноќие“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Со посебен коментар дека ова е национална катастрофа на социјалните мрежи се огласи и лидерот Христијан Мицкоски.
„Политиките на Владата удираат во ѕид. Нема резултати од нивните мерки, но има од нивното половично и селективно спроведување. Бројките на заразени покажуваат дека граѓаните се препуштени сами на себе. Ако некој се надева на поддршка од оваа Влада фрлена на крадење, треба да знае дека нема да ја добие“,
вели Мицкоски.