За дописот од Правда, што беше испратен во вторникот до кабинетот на претседателот на државата, Министерството за надворешни работи, Секретаријатот за европски прашања и до парламентарните политички партии, треба да се одговори најдоцна до утре. Но, во овие два дена, дел од политичките партии кои се во Собранието, преку соопштенија и изјави кажаа дека се против уставните измени и дека нема да предложат свои претставници во работната група

Во Министерството за правда утре истекува рокот во кој политичките партии и институциите треба да предложат претставници во работната група за измени на Уставот. За дописот од Правда, што беше испратен во вторникот до кабинетот на претседателот на државата, Министерството за надворешни работи, Секретаријатот за европски прашања и до парламентарните политички партии, треба да се одговори најдоцна до утре. Во групата се повикани да учествуваат и експерти од областа на уставното право.
Претседателот Стево Пендаровски завчера потврди дека негов претставник во работната група за измени на Уставот ќе биде професорот од Правниот факултет, Александар Спасов, кој е негов правен советник. Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, пак, кажа дека најдоцна до понеделник ќе биде дефинирано и соопштено името на претставникот од СЕП кој ќе биде вклучен во работната група за уставни измени.
Но, во овие два дена дел од политичките партии кои се во Собранието, преку соопштенија и изјави кажаа дека се против уставните измени и дека нема да предложат свои претставници во работната група.
Од најголемата опозоциска партија ВМРО-ДПМНЕ се децидни дека нема да учествуваат во работната група и дека уставни измени во овој парламентарен состав нема да има.
„Јас тука ја затворам оваа тема, вчера ја затворив темата со комисиите, денеска ја затворам со уставните измени“,
потврди денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Според претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, македонскиот модел може да функционира само ако има македонски национален консезус, а конкретно за ова прашање, консензус – нема.
Вчера, Мицкоски ја одби и понудата на вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ за учество во работната група за подготвување на уставни измени, велејќи дека во оваа фаза тоа е беспредметно и оти власта сака да го политизира процесот.
Вчера и дел од останатите политички партии кои се во опозиција рекоа дека нема да предложат свои кандидати во работната група за уставни измени.
Демократскиот сојуз на Павле Трајанов, кој до пред некое време беше дел од владејачкото мнозинство, сè додека Алијанса за Албанците не го зазеде местото на Алтернатива, вчера рече дека како партија сметаат дека пред да почне постапка зa внесување на Бугарите во Уставот, неопходно е од Бугарија да се обезбеди реципроцитет. Во вчерашното соопштение од Демократскиот сојуз се вели дека Македонците треба да бидат признаени и да можат да се организираат и здружуваат преку формирање културни центри, здруженија на граѓани, политички партии и други форми на асоцијации, заради негување и афирмација на културните, јазичните, историските и другите обележја, права кои во Македонија ги имаат сите етнички заедници, вклучително и Бугарите.
Од ДС рекоа дека сè додека Бугарија го негира македонскиот народ, како и автентичноста на македонскиот јазик, Република Македонија не треба да почнува постапка за промена на Уставот.
Вчера, и генералниот секретар на Алтернатива, Зекирија Ибрахими, изјави дека партијата нема да биде дел од работната група за уставни измени, а причината за ваквата одлука е тоа што за нив не може да постојат работни групи за изготвување или, пак, за подготовка на уставните измени сè додека не се постигне консензус помеѓу политичките партии за поддршка на овие измени, кои се неопходни за продолжување на интеграцијата на земјата во Европската Унија.
Минатата недела шефот на бугарската дипломатија Николај Милков изјави дека и Бугарија сака да биде дел од процесот околу уставните измени во Македонија.
„Ние би сакале да бидеме дел од овој процес за да се одвива непречено и би сакале да се консултираме со нив за овие прашања. Во оваа смисла, имав краток разговор со министерот Бујар Османи и се надевам дека ќе одговорат“,
изјави Милков минатата недела, како што пренесе БТА.
Процесот на уставни измени е внатрешно прашање на Република Северна Македонија за кое одлучува Собранието, а согласно ова, не постои ниту можност ниту, пак, политичка волја во него да бидат вклучени граѓани или институции од странство, вклучително и од Република Бугарија.
Вака Министерството за надворешни работи (МНР) ја коментира изјавата на шефот на бугарската дипломатија Николај Милков, кој кажа оти и Бугарија сака да биде дел од процесот на уставните измени во земјава. Бугарскиот министер кажа и дека, во оваа смисла, имал краток разговор со министерот Бујар Османи.
Сепак, во соопштението од македонското МНР се вели дека барањето кое го споменува Милков ниту пристигнало до Министерството ниту, пак, било разговарано меѓу двајцата министри.
Бугарскиот технички премиер Галаб Донев, пак, во интервју за БТВ рече дека Бугарија не сака да се меша во внатрешните работи на Република Северна Македонија, дека уставните измени и носењето други закони секоја држава треба да ги решава согласно внатрешната практика и оти не е точна интерпретацијата дека Софија сакала да учествуваат во тој процес.
Донев, како што пренесе БТВ, потсети дека земјава презела ангажман да ги вклучи Бугарите во Уставот заедно со сите останати наброени народи, со што, како што рече, ќе им бидат гарантирани нивните права.
Според него, нормално е Република Северна Македонија да ја исполни преземената обврска, која не е само кон Бугарија, туку кон сите земји членки на ЕУ.
рече Донев.
На прашањето дали Бугарија треба да стави повторно вето на Северна Македонија за членство во ЕУ, Донев рече дека тоа не е најправилното решение, туку оти треба да се бара позитивен дијалог и патишта за да се приближат позициите.
„Бидејќи Република Северна Македонија има желба да стане членка на ЕУ, треба да ги почитува принципите врз кои се темели Унијата“,
изјави Донев.
Минатата недела вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, на заедничката прес-конференција со српската министерка за евроинтеграции Тања Мишчевиќ, рече дека СЕП активно ќе учествува во работната група за уставни измени и ќе номинира лице што ќе биде претставник од Секретаријатот и со допис до понеделник ќе го информира Министерството за правда.
„Секако, ќе биде лице со искуство и кое долго работи на тие прашања и што ќе може да даде соодветен придонес во работната група. Сè уште не е дефинирано, но најдоцна до понеделник ќе го соопштиме и на јавноста“,
рече Маричиќ.
Тој нагласи дека се работи за многу важна работна група и се надева дека и сите политички партии ќе номинираат свој претставник. Тој ги повика да учествуваат во разговорот за процесот на уставни измени затоа што прашањето, како што рече, „порано или подоцна ќе дојде во Собранието и политичките партии ќе треба да се изјаснат“.
Наместо ставови да се изнесуваат секој ден на прес-конференции, изјави и со партиски препукувања, таа работна група, рече Маричиќ, е вистинското место за дискусија, за размена на идеи, давање предлози и за дефинирање на Преамбулата и двете точки што треба да се променат во Уставот.
„Јас не гледам причина која било партија да одбие учество во тој процес. Ние ќе се трудиме и понатаму да ги убедиме дека треба да учествуваат во ова во кој било формат. Кој потврдил, кој не, треба да прашате во Министерството за правда бидејќи тие го водат процесот. Навистина е неблагодарно да зборувам во нивно име“,
рече Маричиќ.
Според него, многу е попрактично и поодговорно за државата да учествуваат сите политички партии и затоа, како што рече, ги охрабрува да не се плашат и да учествуваат.
„Ние ја поставуваме масата за разговор и ги каниме сите да седнат на таа маса и да разговараме“,
истакна вицепремиерот за европски прашања.
Минатата недела и претседателот Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски потенцираа дека уставните измени се внатрешно прашање на земјава.
Шефот на државата Стево Пендаровски го оцени како скандалозно барањето на Софија за учество во процесот на уставните измени кои земјава треба да ги направи за да ги продолжи преговорите со Европската Унија.
Коментарот на Пендаровски следуваше откако техничкиот министер за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков, од Брисел кажа оти Софија сака да биде вклучена во процесот на уставните измени на земјава, за, како што рече, процесот да се одвива непречено.