Во новиот состав на Комисијата за помилување се д-р Милка Ристова, која е претседател, и членовите проф. д-р Оливер Бачановиќ, проф. д-р Александра Груевска Дракулевски, проф. д-р Блерта Ахмеди, проф. д-р Драгана Батиќ, проф. д-р Афет Мамути и м-р Доан Сулејманоски

За утре е предвидено да се одржи првата конститутивна седница на Комисијата за помилување откако таа е веќе комплетирана со нови членови, информира претседателката Сиљановска-Давкова денеска на брифинг со медиумите.
Во новиот состав на Комисијата за помилување се д-р Милка Ристова, која е претседател, и членовите проф. д-р Оливер Бачановиќ, проф. д-р Александра Груевска Дракулевски, проф. д-р Блерта Ахмеди, проф. д-р Драгана Батиќ, проф. д-р Афет Мамути и м-р Доан Сулејманоски.
Оваа Комисија е дел од телата на претседателката, која по предлог на Министерството за правда, одлучува кои затвореници и какво помилување ќе добијат со правосилни пресуди.
Претседателката Сиљановска-Давкова во неодамнешно интервју на МРТ рече дека е важно, со оглед на тоа што доаѓа Нова година кога има помилувања, Комисијата да се состане и да ги свика членовите на претходните состави за да ги чуе нивните забелешки, искуства и предлози.
„Исто така, претседателката на Комисијата да свика една расправа, знаете дека беше изработена работна верзија на Закон за помилување. Нашиот Закон за помилување сега е многу дефектен, после промените, значи укинувањето на одредби од Уставниот суд, навистина, нам ни треба еден закон компатибилен со европските и мислам дека тогаш Комисијата ќе може да го преземе товарот на одлучувањето“,
рече Сиљановска-Давкова.
Сиљановска-Давкова вели дека ни треба закон во кој точно ќе се утврди кој, како и што прави, но најголемата опасност за овој процес е да се политизира или партизира.
„Помилувањето кое кај нас е минимално, мора да се однесува на социјализацијата и ресоцијализацијата, врзана за делата кои што се сторени. Ќе се најдеме набрзо под силно обвинение за тортура над затворениците. Држава сме со најмалку помилувања, држава сме со најмало време на помилувања. Сега зборувам за шест, три или еден месец“,
додаде таа.
Одлуките за помилување на осуденици, шефот на државата ја носи по препорака на Комисијата за помилување, која е постојано работно тело во служба на претседателот.
Претходниот состав на Комисијата, која беше конституирана кон крајот на јули си поднесе колективна оставка, откако дел од помилувањата објавени за Денот на Македонската револуционерна борба, 23 Октомври предизвикаа реакции во јавноста, а дел од медиумите тогаш јавија дека едно од помилуваните лица е член на наркокартелот Барон.
Одлуката за колективната оставка ја соопшти професорот на Правниот факултет и член на Комисијата за помилување, Гордан Калајџиев на својот фејсбук-профил каде вели дека одлуката ја донеле во согласност со личните и професионални принципи.
Најмногу негодувања во јавноста имаше за името на Акиф Равманоски, кој се најде на листата на помилуваните, а кој е познат и како член на наркокланот Барон. Два дена по помилувањата, на излегување од затвор, Равманоски беше повторно уапсен, а членовите на Комисијата беа повикани на состанок кај претседателката.
Претседателот на Комисијата, Методија Каневчев, тогаш изјави дека при одлучувањето се воделе од делата или во случајот за Равманоски од првостепената пресуда на Основниот кривичен суд Скопје, која била условна, но потоа била заменета со ефективен затвор од страна на Апелацискиот суд.
По објавувањето на одлуката за помилувањата и реакциите во јавноста претседателката Сиљановска-Давкова тогаш посочи дека личностите на листата се интересни во негативна смисла, но и дека Комисијата се водела од конкретни дела.
На списокот на помилувани е и поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, како и Шенол Маслани од скопско Арачиново, брат на Шенаси Маслани, познат како Шенки Версаче, кој пред повеќе години на социјалната мрежа Фејсбук се промовираше облечен во брендот „Версаче“, а подоцна го отвори и кафулето „Версаче“ во Трговскиот центар „Мавровка“.
На листата е и Марјан Ефремов, првоосомничен во аферата „Шпион“, чија казна затвор се намалува за три месеци.
