Одржувањето на пленарната седница на која ќе се разгледуваат амандманите зависи од тоа кога Владата ќе го достави предлогот до Собранието. Доколку тоа се случи утре, пленарната седница за потребата од отворање на Уставот, претседателот на Собранието, Талат Џафери, ќе ја закаже за 19 август, односно најмалку 30 дена откако материјалите за уставните амандмани ќе влезат во собраниска процедура
Предлог-иницијативата за уставните измени со која Бугарите и други народи треба да се внесат во Преамбулата на Уставот, е усвоена на денешната седница на Владата. Следен чекор е таа да биде доставена до Собранието. За да се усвои оваа Иницијатива во Собранието е потребно двотретинско мнозинство или најмалку 80 пратеници.
Одржувањето на пленарната седница на која ќе се разгледуваат амандманите зависи од тоа кога Владата ќе го достави предлогот до Собранието. Доколку тоа се случи утре, пленарната седница за потребата од отворање на Уставот, претседателот на Собранието, Талат Џафери, ќе ја закаже за 19 август, односно најмалку 30 дена откако материјалите за уставните амандмани ќе влезат во собраниска процедура.
Владата очекува постигнување натпартиски консензус за уставните измени
Од Владата, како што се наведува во соопштението од прес-службата, очекуваат конструктивност од сите политички субјекти претставени преку пратениците во Парламентот, совесност од сите пратеници и фокус кон постигнување натпартиски консензус при усвојувањето на уставните измени како дел од Преговарачката рамка со Европската Унија.
Одлуката на Собранието на Република Северна Македонија за измени на Уставот, посочуваат од Владата, ќе овозможи одржување на втората меѓувладина конференција со ЕУ до декември 2023 година, отворање на поглавјата во преговорите, интензивирање на реформите и брзо членство во ЕУ.
„Владата повикува на разум и свесност за актуелниот моментум во којшто државата ја има можноста да избегне повторна многугодишна изолација и, напротив, конечно да ги реализира европските перспективи“,
наведува прес-службата на Владата.
Предлогот за пристапување кон измена на Уставот, се образложува во владиното соопштение, на денешната седница е ставен на дневен ред на предлог на Министерството за правда, а е подготвен од работната група составена од експерти, еминентни професори од неколку универзитети во државава, како и претставници на политички партии.
„Предлогот е изработен врз основа на Заклучоците на Собранието на Република Северна Македонија донесени на седницата одржана на 16 јули 2022 година, а врзани со Заклучоците на Советот на Европската Унија, и Заедничкиот став и воведната изјава на ЕУ на Политичкиот состанок на Меѓувладината конференција за пристапување на Северна Македонија во Европската Унија. Северна Македонија во согласност со својата стратешка определба за полноправно членство во Европската Унија е одлучна да ги спроведе обврските преземени во рамките на Преговарачката рамка и пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија што започнаа со одржувањето на првата Меѓувладина конференција, одржана на 19 јули 2022 година“,
се вели во соопштението од владината прес-служба.
Со предложените уставни измени, како што се наведува во соопштението, се зајакнува мултиетничкиот карактер на Република Северна Македонија.
Владата оценува дека пред граѓаните и државата е „неповторлива шанса за потврдување на европскиот пат, забрзување на европските интеграции и остварување на оваа европска цел до 2030 година“.
Што содржи Предлогот за пристапување кон измена на Уставот со насоки за изменување и дополнување на Уставот на Република Северна Македонија
Во Предлог-иницијативата што ја усвои Владата се предлага бугарскиот и уште пет други народи да се додадат во Преамбулата од Уставот. Во Преамбулата на македонскиот Устав треба да влезат и хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и египќанскиот народ.
„Во Амандманот 36 на Уставот на Република Северна Македонија со кој се заменува членот 49 и Амандманот 2, после делот од бошњачкиот народ се предлага да се додадат деловите од бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и египќанскиот народ“,
се наведува во Предлогот од Владата.
Покрај овие, предвидена е уште една уставна измена во однос на составот на Комитетот за односи меѓу заедниците со која се предвидува да се измени бројот на членовите, и тоа наместо досегашните 19 члена, бројот да се зголеми на 43 члена, при што 16 члена од редот на пратениците во Собранието Македонци и Албанци и по еден член од редот на пратениците Турци, Власи, Роми, Срби, Бошњаци, Бугари, Хрвати, Црногорци, Словенци, Евреи и Египќани.
Претседателот на парламентот, Талат Џафери, пред речиси еден месец рече дека Собранието на Република Северна Македонија е во секој момент подготвено да ја почне постапката за уставни измени.
Од моментот кога тие ќе бидат доставени до Собранието од предлагачот, до моментот на утврдување на потребата за промена на Уставот, потребни се 30 дена.
Од приемот на материјалите до гласањето се потребни 30 дена затоа што максимум десет дена треба да работи Уставната комисија, чиј претседател е Џафери, и со работа треба да заврши осум дена пред денот утврден за гласање.
„На седницата на која ќе биде на дневен ред потребата за уставни измени дебатата трае максимум десет дена“,
објасни Џафери.
За изгласување на оваа иницијатива потребно е да се согласат најмалку 80 пратеници, но од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека уставни измени под бугарски диктат се неприфатливи. За ваквиот став, од ВМРО-ДПМНЕ вчера ги информираа и министрите за Европа на Германија, Франција и Полска, но и министрите за надворешни работи на Австрија, Чешка и Словачка кои минатата недела беа во посета на земјава.
Министрите на сите земји членки на ЕУ дојдоа во Скопје со една порака – заокружување на процесот на уставни измени.