Ова е наративниот текст. Јас ги прочитав измените во Преамбулата и одредените членови во Уставот, меѓутоа амандманите после ќе треба да се подготвуваат во текстот така како што треба да се презентираат пред Собранието, рече претседателката на работната група Маргарита Цаца-Николовска по усвојувањето на предлог-иницијативата
Предлог-иницијативата што ја усвои работната група сега ќе биде доставена до Владата, која, пак, ќе треба да ја проследи до Собранието.
Бугарскиот и уште пет други народи да се додадат во Преамбулата од Уставот, предлага работната група за уставни измени.
Оваа група денеска го успешно го заврши состанокот, а претседателката Маргарита Цаца-Николовска информира дека сите одлуки биле донесени едногласно.
„Имавме плодна дискусија, имаше презентација на едни, на други аргументи, но она што е најважно е дека се согласивме со она што е предлог за пристапување кон измена на Уставот на Република Северна Македонија со одредени насоки, изменувања и дополнувања таму каде што треба“,
рече Цаца-Николовска.
Во Преамбулата, покрај македонскиот ги пишува и „албанскиот, турскиот, влашкиот, српскиот, ромскиот и бошњачкиот народ и други“, а според тоа што го презентираше Цаца-Николовска, предлогот предвидува додавање на уште шест народи.
„Промените се во делот на Преамбулата со тоа што се додаваат неколку народи. После бошњачкиот народ се додаваат зборовите: бугарски народ, хрватски народ, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ, египќански народ. Понатаму, втората измена е во делот што зборува за дијаспората и во амандманот 35 кој е заменет со член 49 и амандманот 2. Во овој амандман на Уставот со кој се заменува членот 49 и амандманот 2, после бошњачкиот народ се додаваат истите овие зборови – народи кои беа спомнати во Преамбулата“,
рече Цаца-Николовска.
Покрај овие, предвидена е уште една уставна измена во однос на составот на Комитетот за односи меѓу заедниците со која се предвидува пратеници кои се од редовите на овие народи да бидат дел од него, а доколку нема, тогаш претставник да определи Народниот правобранител.
„На крај доаѓа до измена и во Комитетот за односи меѓу заедниците заради тоа што сега се јавува поголем број на народи кои можат да продуцираат поголем број пратеници и да има пратеници во Комитетот на заедници. Тука е бројот 43, запазен е паритетот, со тоа што по 16 члена од редовите на пратениците во Собрание на Македонците и Албанците, по еден од редот на пратениците во Преамбулата, со тоа што доколку некоја од заедниците нема пратеници, тогаш останува исто – народниот правобранител по консултации со релевантните претставници на тие заедници да предложи членови на Комитетот“,
објасни Цаца-Николовска.
Таа додаде дека работната група изготвила и кратко образложение за иницијативата за уставни измени и за основаноста и оправданоста.
„Многу би зазела време ако ги читам сите овие меѓународни документи врз основа на кои се донесени овие измени. Само би го спомнала Советот на ЕУ кој со заедничка позиција на ЕУ од политичката меѓувладина конференција – едниот е од 18 јули 2022, другиот е од 19 јули 2022 година“,
рече претседателката на работната група.
Ова што го презентираше таа, како што рече, е наративниот дел, а амандманите ќе треба да се подготват понатаму.
„Ова е наративниот текст. Јас ги прочитав измените во Преамбулата и одредените членови во Уставот, меѓутоа амандманите после ќе треба да се подготвуваат во текстот така како што треба да се презентираат пред Собранието. Сега да посакаме успешна работа и на Собранието, да ги прифатат овие, да речам, предлог-измени за да може понатаму државата успешно да ја тера постапката во остварување на заедничката стратешка цел – влез во Европа“,
изјави Цаца-Николовска.
Новинарите, алудирајќи на барањето на дел од албанските партии за замена на формулацијата „20 проценти“ со албански јазик, прашаа и дали се разгледувале само предлог-измените за вметнување на народи или и други предлози, на што претседателката на работната група посочи дека се дискутирало, но оти тие како тело имале задача само за ова што сега го подготвија.
„Имаше предлози, меѓутоа тие само како предлози ги имавме предвид во однос на презентирање, а не сме одлучувале по истите – прво заради тоа што ова е првенствена работа што сме требале да ја завршиме, а второ, затоа што тие измени и не беа побарани од нас. Сепак, со оглед дека имаше одредени презентации, нема ништо проблематично во тоа да ги слушнеме, а кога ќе дојдат на ред не се знае“,
рече Цаца-Николовска.
На прашање, пак, дали во иднина може да се разговара за други измени, таа одговори дека Уставот не е книга во која е сè решено и има проблеми, но за тоа дополнително треба да се разговара.
„Уставот секако ќе се отвора, дај Боже да се отвори пред пристапот во ЕУ и тогаш веројатно ќе има и некои други предлози кои одредени луѓе ќе сметаат дека ќе треба да се стават во Уставот. Има проблеми во Уставот, не е Уставот книга која се има решено, напротив. Меѓутоа, за тоа може дополнително да зборуваме“,
рече претседателката на работната група.
Предлог-иницијативата што ја усвои работната група сега ќе биде доставена до Владата, која, пак, ќе треба да ја проследи до Собранието.