„Руската воена агресија врз Украина не е само закана за луѓето во Источна Европа, туку е закана за сите нас. И јас би сакал да испратам многу едноставна порака: Да, ние сме окупирани со оваа војна, но тоа не значи дека ја забораваме важната улога што земјите од Западен Балкан, вклучително и Македонија, ја играат за иднината на Европа. И затоа сакам да ги охрабрам моите ценети колеги овде, во парламентот, исто така и Владата да го сторат најдоброто да ја вратат Македонија назад на патот и тоа значи дека уставните измени се можеби болни за некои колеги, но на крајот тие се неопходни“, рече Рот пред почетокот на конференцијата „Унапредување на Берлинскиот процес преку парламентарна дипломатија“, која денеска се одржува во Собранието
Прашан за измените на Кривичниот законик, кои донесоа намалени казни за кривичните дела од членот 353 за злоупотреба на службената положба и овластување и за делото злосторничко здружување од членот 354, Рот вели дека сега не е вистинско време за меѓусебни уцени и дека ЕУ јасно очекува од сите земји кои сакаат да станат нејзини членки да продолжат со борбата против корупцијата
Уставните измени можеби се болни, но на крајот тие се неопходни и затоа сакам да ги охрабрам моите колеги овде во парламентот и во Владата да го сторат најдоброто и да ја вратат Македонија назад на патот кон Европската Унија. Ова е пораката што денеска од Скопје ја испрати Михаел Рот – актуелен претседавач со Комитетот за надворешна политика на германскиот парламент (Бундестагот) и поранешен државен министер на Германија за Европа.

Рот е во посета на земјава како дел од меѓународните дипломатски напори за продолжување на патот на С Македонија кон ЕУ, а во контекст на спроведувањето на уставните измени како услов за напредокот на тој пат.
Изјавата Рот ја даде одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на конференцијата „Унапредување на Берлинскиот процес преку парламентарна дипломатија“, која денеска се одржува во Собранието.
„Точно пред една една година го посетив Скопје последен пат. Знаете дека имам многу пријатели овде во Македонија и многу го ценам тоа што многу луѓе во земјата веруваат дека иднината на оваа земја е во обединета Европа. Но, војната се врати во Европа. Руската воена агресија врз Украина не е само закана за луѓето во Источна Европа, туку е закана за сите нас. И јас би сакал да испратам многу едноставна порака: Да, ние сме окупирани со оваа војна, но тоа не значи дека ја забораваме важната улога што земјите од Западен Балкан, вклучително и Македонија, ја играат за иднината на Европа. И затоа сакам да ги охрабрам моите ценети колеги овде, во парламентот, исто така и Владата да го сторат најдоброто да ја вратат Македонија назад на патот и тоа значи дека уставните измени се можеби болни за некои колеги, но на крајот тие се неопходни“,
рече Рот.
Потребен е поголем ангажман во борбата против корупцијата
Германскиот парламентарец смета дека е потребна поголема амбициозност во врска со пристапните преговори. Говорејќи во тој контекст, посочи дека С Македонија игра многу важна улога и како мултиетничка и мултикултурна земја може да биде пример за соседните земји дека проблемите не се решаваат со размена на територии или со етничко чистење.
„Заемната соработка втемелена на меѓусебно почитување, пријателство, меѓусебно помирување меѓу различните етнички групи е можно. И сакам да ги мотивирам моите колеги овде дека вреди поголемиот ангажман во борбата против корупцијата, за независно судство кога станува збор за зајакнување на владеењето на правото, демократската култура во овие земји. Многу сум благодарен на организаторите на оваа конференција затоа што неопходните реформи не се само обврска на владите, туку тие исто така се обврска за парламентарците“,
порача Рот.
Прашан за измените на Кривичниот законик, кои донесоа намалени казни за кривичните дела од членот 353 за злоупотреба на службената положба и овластување и за делото злосторничко здружување од членот 354, Рот вели дека сега не е вистинско време за меѓусебни уцени ми дека ЕУ јасно очекува од сите земји кои сакаат да станат нејзини членки да продолжат со борбата против корупцијата.
„Ова не е вистинско време за меѓусебни уцени. Мислам дека е јасно очекувањето од Европската Унија бидејќи ние сме првин и пред сè унија на заеднички вредности, ние сме многу повеќе од само единствен пазар, дека сите земји кои сакаат да ѝ се приклучат на мораат да продолжат со борбата против корупцијата. Не сакам да навлегувам во детали, слушнав некои шпекулации за амнестија итн. Мислам дека политичарите овде треба да одлучат за тоа, но сега зборуваме за промена на Уставот, каде станува збор за бугарското малцинство и други прашања, кои произлегуваат од долги, тензични и контроверзни преговори со Европската Унија, особено со Бугарија и мојата главна интенција е дека можеме да ги забрзаме преговорите помеѓу Европската Унија и Македонија бидејќи македонците заслужуваат членство во Европската Унија што е можно побрзо. Потребна е поголема амбициозност на двете страни – од страна на Европската Унија, но исто така и овде во Македонија“,
рече Рот.
Германскиот парламентарец и претседавач со Комисијата за надворешна политика на Бундестагот, како што е најавено, во текот на денот ќе има средби со претседателот на македонското Собрание Талат Џафери, со претставници на Владата и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Трошановски: Голем дел од земјите од Западен Балкан каскаат со реализација на обврските од Берлинскиот процес
Претседателот на невладината Институт за демократија „Социетас цивилис“ Скопје, Марко Трошановски, која заедно со Собранието на С Македонија е домаќин на денешната конференција за Берлинскиот процес, објаснувајќи ги целите на конференцијата, пред нејзиниот почеток рече дека земјите од Западен Балкан имаат преземено многу обврски и заложби кон овој процес, но голем дел од нив каскаат во нивната реализација и имплементација.

„Целта на овој настан овде е да ги собере сите парламентарци и членови на парламентарните служби од регионот коишто се занимаваат со Берлинскиот процес и коишто во наредниот период треба да помогнат за промоција на придобивките од истиот, но и да ја притиснат и да ѝ помогнат на владата или владите во земјите од Западен Балкан да испорачаат што поквалитетни договори и што побрзо и поефикасно, движењето без лични карти, признавањето на дипломите и професионалните квалификации кои како што знаете беа потпишани лани есента сè уште не се во фаза на имплементација и во сила. Така што Берлинскиот процес заедно со парламентите и овој проект треба да поттикне унапредување на овие реформи коишто секогаш се поврзани со Европската Унија и со кластерите и преговарачките поглавја коишто следат секако од нашиот процес на пристапување“,
рече Трошановски.
Прашан во врска со измените на Кривичниот законик и тоа што претседателот на државата, Стево Пендаровски не им излезе во пресрет на нивните повици да не го потпишува указот за прогласување на Законот, Трошановски рече дека тоа е проценка на претседателот.
„Нашата проценка беше дека Законот сериозно ја уназадува борбата против корупција и ги мотивира сторителите на кривични дела уште повеќе да ја продолжат таа пракса, да злоупотребуваат јавни пари и ресурси и секако на штета на јавниот интерес и на квалитетот на живот на граѓаните“,
рече Трошановски.