Во тек се напори за извлекување на уште двајца македонски државјани, брачен пар кој се наоѓа во Газа, каде што со денови Израел врши офанзива за, како што тврди државата, соборување на терористичката организација Хамас
Министерот за надворешни работи Бујар Османи, на својот фејсбук-профил денеска сподели дека од Газа безбедно е евакуирано македонско семејство.
Османи за успешната мисија им се заблагодари на македонските амбасади во Каиро и во Тел Авив.
„Семејството Скаик, после подолго време безбедното евакуирани од Газа, а од денес на сигурно во земјава. Евакуацијата од Газа претставува посебен дипломатски и пред сѐ конзуларен предизвик, имајќи ја предвид сложената безбедносна состојба во тој регион. Посебно сакам да оддадам признание на дипломатите во нашите амбасади во Каиро и Тел Авив, кои беа во постојан контакт и со семејството и со властите во Египет и Израел“,
соопшти Османи преку социјалните мрежи.
Воедно, тој испрати благодарност и до Меѓународната организација за МИГРАЦИИ (IOM) која помогнала при трансферот на семејството Скаик во Скопје, како и до Министерството за труд и социјална политика, односно Центарот за социјална работа во Скопје, за организација на сместувањето.
Министерот соопшти дека во тек се напори за извлекување на уште двајца македонски државјани, брачен пар.
Неодамна со заеднички напори на Северна Македонија, Србија и Црна Гора, беа евакуирани голем број граѓани од Израел и Палестина.