Уште шестмина обвинети за инцидентите пред Собранието за време на протестите против францускиот предлог добија условни казни. Тие на денешното рочиште во Основниот кривичен суд во Скопје признаа вина за настаните пред законодавниот дом на 5 јули годинава. Шестемина се осудени за кривично дело „учество во толпа“.
„Сите шест обвинети, своеволно, ја признаа вината за кривичното дело кои им се става на товар, а по ценење на сите олеснителни и отежителни околност, Судот донесе првостепена пресуда со која на четворица од обвинетите им определи алтернативни мерки – условна осуда во траење од две години затвор која казна нема да се реализира доколку во следните четири години не сторат ново кривично дело, а на двајца од обвинетите, кои непосредно пред настанот наполниле 18 години, им определи алтернативна мерка – условна осуда од една година затвор која нема да се реализира доколку во следните три години не сторат ново кривично, а воедно им определи и мерка – засилен надзор“,
информираат од Основниот кривичен суд Скопје.
Против овие пресуди, во делот на казната, осудените имаат право на жалба пред Апелациониот суд Скопје.
Кон крајот на минатиот месец седум момчиња обвинети за истото дело – „учество во толпа“, добија условни казни затвор од две години откако и тие признаа вина пред Судот.
Обвинетите се гонеа оти ја откорнале заштитната ограда на Собранието, од каде со камења, бекатон плочки, железни предмети, сообраќајни знаци, корпи за отпадоци и пиротехнички средства фрлале кон полициските службеници распоредени во кордон за заштита на зградата на Собранието при што десетици полицајци се здобиле со телесни повреди.
(ФОТО+ВИДЕО) Ескалација на денешниот протест против францускиот предлог (360stepeni.mk)