„Со оглед на фактот дека во јавноста се изнесуваат обвинувања и констатации кои не се поткрепени со факти или со научни докази, а во насока на заштита на вистината, ние ќе покренеме соодветна правна постапка пред надлежните органи“, велат од „Усје“
Ова следува откако Град Скопје денеска официјално ја поднесе најавената кривична пријава против „Усје“ со образложение дека го загадува воздухот испуштајќи поголема концентрација на ПМ 10 честички од дозволената
Цементарницата „Титан – Усје“ денеска преку писмено соопштение до медиумите ги оцени како целосно невистинити тврдењата дека таа со својата работа и претходно влијаела на аерозагадувањето во главниот град. Тоа, како што велат оттаму, го потврдуваат сите извештаи направени од фабриката кои потоа се доставени до институциите, како и независните мерења од акредитирани лаборатории.
Во врска со ваквите обвинувања кои стигнуваат на адреса на Цементарницата, а кои според неа не се поткрепени со факти и докази, оттаму најавија дека ќе покренат правна постапка пред надлежните органи во насока на заштита на вистината.
„Цементарница ‘Усје’ АД Скопје целосно ги отфрла неоснованите обвинувања, чија цел е дефокусирање на јавноста. За жал ваквиот однос не води кон решавање на отворените прашања. Со оглед на фактот дека во јавноста се изнесуваат обвинувања и констатации кои не се поткрепени со факти или со научни докази, а во насока на заштита на вистината, ние ќе покренеме соодветна правна постапка пред надлежните органи“,
се вели во писмениот допис од компанијата.
Ова следува откако Град Скопје денеска официјално ја поднесе најавената кривична пријава против „Усје“ со образложение дека го загадува воздухот испуштајќи поголема концентрација на ПМ 10 честички од дозволената.
„Во интерес на точно и вистинито информирање уште еднаш повторуваме дека при вонредната контрола од страна на Државниот инспекторат за животна средина, спроведена на 3 и 4 јануари 2023 година, во присуство на инспектори од Град Скопје, потврдено е дека емисиите од производниот процес во Цементарница ‘Усје’се пониски од дозволените гранични вредности. Производниот процес во Цементарница ‘Усје’ се одвива во законски определените рамки и според еколошките стандарди, а производството автоматски запира доколку филтрите не работат“,
се вели во соопштението на Цементарницата испратено до медиумите.
Оттаму додаваат дека е неосновано компанијата да се обвинува за состојбата со загадувањето врз основа на само еден параметар каде што беа утврдени повисоки вредности од дозволените.
„Во тек е постапка со надлежната институција, во чии рамки ќе се разгледаат сите релевантни аспекти“,
велат од компанијата.
Воедно, од Цементарницата додаваат дека ги спровеле препораките од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) и дека за загревање на фабриката се префрлиле од мазут на природен гас.
„За разлика од ‘Усје’, многу јавни објекти во градот продолжуваат да користат мазут за загревање, а јавноста не е информирана дали на овие објекти се вршат какви било мерења“,
велат оттаму.
Откако минатата недела градоначалничката Данела Арсовска најави, од Град Скопје информираат дека денеска официјално е поднесена кривична пријава против Цементарницата „Титан – Усје“ поради загадувањето на воздухот предизвикано од испуштање на поголема концентрација на ПМ 10 честички од дозволеното.
Во кривичната пријава, како што додаваат од Град Скопје во писменото соопштение, освен од правното лице, одговорност ќе се бара и од генералниот директор Борис Хрисафов, кој, како што велат, не се придржувал до обврските од А-интегрираната дозвола која ја поседува „Усје“. Тоа, како што додаваат, довело до надминување на максимално дозволените граници на испуштање на штетни гасови во амбиенталниот воздух.
Во меѓувреме, вчера од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) информираа дека „Усје“ ги исполнило задолженијата кои му беа одредени од страна на Инспекторатот во врска со емисијата на штетни гасови од двата котли за греење во Цементарницата. Во соопштението од ДИЖС се вели дека фабриката почнала да користи природен гас, наместо мазут, како гориво во двата котли за парно греење.
Од Инспекторатот претходно соопштија дека доколку се утврди оти Цементарницата „Усје“ не постапува согласно решението од ДИЖС, ќе биде поднесено барање за поведување на прекршочна, односно кривична постапка пред надлежните органи и ќе отпочнат постапка за одземање на добиените дозволи и овластувања на фабриката.
Ова следуваше откако скопската градоначалничка најави дека ќе поднесе кривична пријава до „Усје“ поради резултатите од мерењата во фабриката кои покажеле трипати поголеми количини испуст на гасови од дозволеното.