Издадено е глобално предупредување во 194 земји членки на оваа организација, со препорака да се подготват за таква можност и оперативно, на терен и на виртуелната мрежа
Меѓународната полициска организација Интерпол денеска предупреди дека меѓународната мрежа на организиран криминал може да се насочи кон новите вакцини против ковид-19 и да се обиде да вметне во продажба лажни, фалсификувани вакцини.
Интерпол соопшти дека е издадено глобално предупредување во 194 земји членки на оваа организација, со препорака да се подготват за таква можност и оперативно, на терен и на виртуелната мрежа.
Предупредувањето се однесува и на можни обиди преку глобалната интернет-мрежа да се најдат понуди за лажни терапии кои можат да го загрозат здравјето и животот на луѓето.
„Фајзер/Бионтек“ и „Модерна“ се првите компании кои најавија дека развиле вакцина против ковид-19, со ефикасност, како што тврдат нивните експерти, од 94 и 95 отсто.
Денеска Велика Британија ја одобри употребата на вакцината против коронавирусот на компаниите „Фајзер“ и „Бионтек“ и најави дека тие ќе можат да се користат од почетокот на следната недела.
„Астра Зенека“ е третата фирма која разви вакцина со висок степен на ефикасност. Агенцијата за лекови на ЕУ порача дека е во процес на постојана анализа на вакцините. Само со „зелено светло“ од ЕМА вакцините може да се комерцијализираат на европскиот пазар.